Жителите на скопското село Долно Лисиче реагираат на нередовноста на автобуската линија 31 која сообраќа од Транспоретен Центар до Долно Лисиче.
Тие се жалат дека се случува секој ден да не сообраќа автобусот во дадена саатницата, според распоредот објавен на веб страницата на Јавното сообраќајно претпријатие, иако тие не се информирани за тоа.
Дел од граѓаните кои ги заекнавме на автобуска постројка во Долно Лисиче велат дека ова се случува веќе извесен период, при што го отежнува нивното навремено пристигнување на работно место, губат време во чекање автобус за кој не ни знаат дали воопшто ќе дојде.
„Колата ми се расипа и бев принуден да одам со автобус на работа. Излегов да одам со автобусот во 7.10 часот, кој тргнува од Долно Лисиче да стигнам до центар. Но, не дојде. Иако на распоредот на веб страницата на ЈСП пишува дека би требало да сообраќа. И нормално доцнев на работа“, вели Б.Г (36).
Други граѓани се жалат дека ниту линија 33 која сообраќа од Дом на печат до Долно Лисиче, не е синхронизирана до линијата 31, за барем ако не дојде едната линија да можат да ја користат другата за само да стигнат до Центар.
„Имаме проблеми со превозот, а сме на само неколку километри од центар. Иако сообраќа и линијата 33, не се синхронизирани со линијата 31. Пред неколку години имавме проблем со улицата не беше асфалтирана, сега проблем со превозот. Имам возрасни родители кои одат да плаќаат сметки, да пазарат до пазарот во Драчево, и се враќаат дома бидејќи не можат да чекаат по еден час до следниот автобус. Да не зборувам и дека нема ниту каде да седнеш, или да се засолниш кога врне, уништени се или не постојат автобуски станици“, вели В.И (55).
„Пред некој ден го чекав автобусот во 9.20 часот што тргнува од Долно Лисиче, и останав да го чекам следниот во 10 и 10 , а имав закажано на преглед на лекар. Кому да се пожалиме дека немаме автобус“, прашува М.Д (40).
Граѓаните велат дека и кога вртат во диспечерскиот центар на ЈСП од таму велат дека не се надлежни и дека одговор треба да бараат на друго место, не наведувајќи каде е тоа друго место.
„Неколку пати се јавувам и се расправам со луѓето што работат во диспечерскиот број на ЈСП, бидејќи ми велат дека не се надлежни за состојбата. Немаме никакво известување дека нема да сообраќаат одредени линии. Изреволтирана сум бидејќи доцнам на работа, но не само јас, тука има луѓе кои постојано користат автобус“, вели С.М (52).
Од Јавното сообраќајно претпријатие за ММС, за настанатата состојба на автобуската линија 31, велат дека се должи на непредвидлива ситуација, но и недостаток на возачи поради ковид и изолација.
„Точно е дека во изминатава недела на посочената линија не се реализирани неколку поаѓањa поради непредвиденa ситуација. Причина е недостиг од возачи поради болест/изолација од Ковид – 19“, велат од ЈСП.
Додека граѓаните од терен се жалат на услугата на претпријатието од ЈСП , велат дека за сите измени во возниот ред на ЈСП, граѓаните може да се информираат во Диспечерскиот центар.
„За сите измени во возниот ред на целиот јавен превоз, ЈСП Скопје навремено ја информира јавноста, но во дадени ситуации, кога причината како во случајов е непредвидлива, тоа не можеме да го правиме. Во вакви и слични ситауции, граѓаните, корисници на јавниот превоз можат да се информираат во Диспечерски центар на 3173-224, од каде се врши постојан увид во реализацијата на јавниот превоз“, велат за ММС, од Јавното сообраќајно претпријатие.
Но, дека состојбата е алармантна и дека граѓаните се повеќе се незадоволни од услугите на ЈСП, не се соочуваат само граѓаните од Долно Лисиче. За доцнење и недоаѓање на одредени линии на ЈСП во нашата редакција реагираа и граѓаните од населба Аеродром и Ново Лисиче.
„Не знам што се случува со ЈСП, но катастрофа е. Бројот 5 многу често кога си одиме од работа го чекаме и повеќе од еден час. Минатиот петок, кога беше многу студено, 5 –ка ја чекавме еден час од правецот од Ѓорче кон Лисиче. Се смрзнавме на автобуската. А повеќе од 7 автобуси заминаа во правец Лисиче кон Ѓорче и не се вратија воопшто. Бевме околу 20 луѓе насобрани на автобуската. По повеќе од еден час дојде 4А и половина од нас се качија за до Рекорд бидејќи не можевме да чекаме. Потоа од Рекорд фативме 3 –ка за да си одиме дома кон Ново Лисиче. И ова не е само тогаш, бидејќи ова се случува многу, многу често, да ја чекаме 5 ка по повеќе од еден час и да мрзнеме“, вели загрижена граѓанка, која се обрати до нашата редакција.
Од ЈСП велат дека генерално немаат поголеми проблеми, односно рестрикции, на другите линии освен регистрираната на линијата 31 и неколку приградски линии.
„Не се реализираат поаѓања кои според просечниот број на корисници/валидации се најмалку барани/користени од страна на граѓаните“, велат од ЈСП.
-За жал и ЈСП Скопје во изминатите две години, откако е започната епидемија со Ковид 19, повремено се соочуваат со недостиг од кадар за извршување на тековното работење. Но, сепак менаџментот и покрај наметнатите околности со сите расположливи ресурси и максимална посветеност во извршување на основната дејност, се обидува да понуди брз, навремен и квалитетен превоз, велат од ЈСП СКопје за ММС.
Актуелната градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска во својата предизборна кампања во октомври вети дека во главниот град како дел од „црвениот крвоток“ на ЈСП ќе се вклучат нови 250 еко автобуси, како замена за БРТ. Според неа со новите автобуси би се решиле многу проблеми, со што ќе се направи ред на возењето и ќе се скрати интервалот на доаѓање на автобуси на станиците и траспортот ќе биде побрз и почист.
Но, ветеното изгледа останува само ветено, бидејќи во сообраќај наместо нови еко автобуси пуштени се стари репарирани. Односно околу 270 возила кои се од понова флота, но не биле во функција бидејќи не биде одржувани изминатата година.
Проектот за нови еко автобуси нема да се реалзиира оваа година бидејќи не се предвидени финансиски средства во градскиот буџет за 2022, бидејќи општината наследила многу долгови.
Габриела Додевска