Членовите на радикалната еврејска заедница „Лев Тахор“ од Куманово се префрлени во Скопје, информираат од МВР – ММС
ММС

Објавено на: 02/15/22 12:53 PM

Членовите на радикалната еврејска заедница „Лев Тахор“ од Куманово се префрлени во Скопје, информираат од МВР

Триесетината членови на радикалната еврејска заедница „Лев Тахор“ кои привремено беа сместени во две куќи во кумановската населба Зелен рид, доцна синоќа го напуштија Куманово. Информацијата ја потврдија и од кумановската полиција, но и сопствениците на куќата во која биле сместени.

Според последните информации на Министерството за внатрешни работи, тие сѐ уште се во државата. Префрлени се во Скопје од безбедносни причини.

– Лицата го напуштија Куманово и во моментов се во Скопје. Потсетуваме дека овие лица ги почитуваат законите на Република Северна Македонија, се целосно со легален престој тука, и привремено престојуваат во нашата држава. Наведената група не претставува никаква опасност и апелираме на толеранција и солидарност кон истите, велат од МВР.

Kако што неофицијално дознаваме тие денеска ќе си заминат и од државата.

Вчеравечер нашата екипа разговараше со еден од членовите, кој ни рече дека не се чувствуваат безбедно во Куманово и дека наишле на голема дискриминација.

Планирале да останат околу еден месец, но веќе вториот ден откако дошле во изнајмената куќа наишле на малтретирање од млади кумановци, кои постојано им доаѓале, викале, и им тропале на вратата. Дел од нив првата вечер им ја скршиле портата, а втората вечер гаѓале со јајца во куќата.

Рекoа дека најверојатно ќе ја напуштат државата, но на прашањето зошто дошле токму во Куманово и каде планираат да одат, рекоа дека не знаат тие, туку нивниот шеф, мислејќи веројатно на лидерот на оваа верска заедница.

(Н.И.)