Македонската амбасада во Украина засега продолжува да работи и дипломатите остануваат во Киев, но нивните семејства неделава ќе се вратат во Скопје. Во Украина остануваат и околу 30 набљудувачи од Северна Македонија во рамки на Специјалната мониторинг мисија на ОБСЕ.
Во Украина во моментов престојуваат околу сто македонски државјани, а МНР разработи план со активности за различни сценарија кои би можело да се одвиваат во наредниот период во таа земја.
Шефот на дипломатијата Бујар Османи вчера на брифинг информира дека има четири категории македонски државјани во Украина. Во првата категорија се амбасадорот и уште еден дипломат во нашата амбасада во Киев и нивните семејства. Бидејќи тие се суштествен персонал за амбасадата и засега нема одлука таа да се затвори, дипломатите ќе останат во Украина додека не биде донесена поинаква одлука, но одлучено е нивните семејства да се вратат во Скопје на почетокот од неделава.
МНР е во договор со Бугарија и доколку се појави потреба за повлекување на двајцата дипломати, има целосно утврден аранжман како тоа ќе се организира.
Одлучено е засега во Украина да останат и околу 30 набљудувачи од Севрна Македонија во рамки на Специјалната мониторинг мисија на ОБСЕ, кои се втората категорија наши државјани во мапирањето на МНР.
Во третата категорија се околу 40 државјани кои од различни причини се наоѓаат во Украина и 30-ина членови на нивните семејства, со тоа што членовите на семејствата повеќето се украински државјани.
До сите наши државјани важи апелот – да ја искористат можноста за комерцијални летови за да ја напуштат Украина и да се вратат во Северна Македонија.
Османи посочи дека дел од плановите почнуваат да се реализираат врз основа на блиска комуникација што МНР ја има со сојузниците.
-Разменувајќи информации, стана се поизвесно дека е можна ескалација односно руска инвазија во Украина и затоа почнаа да се реализираат дел од плановите коишто беа подготвени за различните сценарија. Не сакаме да внесеме незивесност и страв во однос на мерките што ги преземаме за Украина, целосно сме во координација со нашите сојузници, и во рамки на НАТО, и во ЕУ, и сето тоа го правиме врз основа на плановите и информациите што ги имаме, рече Османи, додавајќи дека МНР продолжува одблиску да ја следи состојбата и дека НАТО бара дипломатско решение за деескалација на тензиите.
Во меѓувреме, САД и уште двасетина земји меѓу кои и Велика Британија, Германија, Холандија, Австралија, Нов Зеланд, Хрватска, Бугарија… им порачаа на своите граѓани веднаш да ја напуштат Украина.
Пентагон викендот објави и дека ги повлекува речиси сите свои војници од Украина, а од Вашингтон дојде и предупредување дека Русија и натаму трупа војска и воена опрема во пограничните области и оти рускиот напад би можел да се случи во следните 10 дена.
МИА