Со јануарската плата си добиле и предупредување пред отказ – ЈП „Охридски комуналец“ не може да ги натера вработените редовно да доаѓаат на работа – ММС
ММС

Објавено на: 02/14/22 12:59 PM

Со јануарската плата си добиле и предупредување пред отказ – ЈП „Охридски комуналец“ не може да ги натера вработените редовно да доаѓаат на работа

Предупредувања за отпуштања на работа, доколку не го почитуваат работниот ред и дисциплина како и работното време добиле 54 вработени во Јавното претпријатие Охридски комуналец и тоа напоредно со добивањето на јануарската плата.

Директорот на претпрјатието Саше Најдески за ММС, рече дека станува збор за вработени во сите сектори на претпријатието.

„Истите претходно добија усмени и писмени известувања преку раководителите, за задолжително користење на електронската картичка за евиденција на работното време на самото работно место. Вработените имаат законска обврска да се евидентираат и доколку истата не ја користата ќе бидат казнети“, вели Најдески и додава дека не станува збор за селективна мерка.

Во писменото предупредување до непослушните вработени меѓу другото стои:

„Ве предупредуваме дека не сме задоволни од  однесување во врска со обврската која произлегува од правата и обврските од работен однос, односно непридржување на работното време. Согласно член 81 став 1 точка 4 од Законот за работни односи, работниот однос на работникот му престанува со отказ од страна на работодавецот доколку не се придржува на работното време. Не задоволувате со работењето и извршувањето на работните задачи. Не се придржувате кон работното време во подолг временски период. Доказ за тоа е апаратчето за евиденција и видео надзорот.

Со ваквото однесување покажувате самоволие и непочитување на работниот ред и дисциплина според пропишаните правила на претпријатието. Солгасно член 36 од Колективниот договор за комунални дејности на РМ, со ова предупредување се дава можност, да го поправите однесувањето, односно го корегирате односот кон работниот ред и дисциплина во користењето на работното време. Доколку во рок од 30 дена не го подобрите однесувањети, да го почитувате работниот ред и дисциплина како и сите останати работници ќе се поведе постапка за отказ на Договорот за вработување, се вели во писменото предупредување  до несовесните вработени.

Ако дел добија предупредување за почитување на работното време, 89 вработени во претпријатието добија награда за успешно завршената  работа на зимско одржување на градот од снежните врнежи во изминатиот период.

Мики Трајковски

Фото: facebook.com/ohridskikomunalec