Куманово во паника: Припадници на радикалната еврејска група Лев Тахор изнајмиле куќа во градот – ММС
ММС

Објавено на: 02/13/22 4:07 PM

Куманово во паника: Припадници на радикалната еврејска група Лев Тахор изнајмиле куќа во градот

Населбата Зелен рид во Куманово стана привремен дом за десетици странски државјани, за кои во јавноста се шпекулира дека се дел од радикалната еврејска верска група Лев Тахор.

Голема паника се крена во јавноста откако овие странски државјани кои се од 30 до 40 на број почнаа слободно да шетаат низ кумановските улици, а меѓу нив забележително е и поголемо присуство на деца. Имаат чудна облека и начин на живот што влева немир кај кумановци, особено кога ќе ги забележат низ соседството во доцните ноќни часови.

Станува збор за лица со американско и канадско државјанство, кои изнајмиле куќа за престој во градот.

Актуелни до пред неколку дена, овие лица беа во Босна и Херцеговина, каде тамошните новинари успале и да разговараат со нив. Таму биле легално и според тамошните власти не направиле ниту еден прекршок на законите или предизвикале инциденти.

Екипата на Кумановски Муабети утринава беше на локацијата каде овие луѓе привремено живеат во населбата Зелен рид, тропнавме на нивните врата неколку пати, но никој не отвори, иако внатре слушнавме дека има некој.

Соседите видно заинтересирани за тоа што се случува, љуботино ги набљудуваат случувањата. Не сакаа да зборуваат пред камера, но велат дека овие луѓе ги забележале последните три дена. Ни рекоа „обидете се повторно, отвораат врата на сите и разговараат”. Но, попусто.

Подоцна друг сосед ни објасни дека вчеравечер откако на социјалните мрежи се проширија информациите за оваа група, голем број луѓе, пред се млади кумановци биле на нивната адреса.

Дел сакале да разговараат со нив, дел ги навредувале, а имало и такви што им ја скршиле портата. Соседите раскажуваат дека очигледно тоа е причината што денеска нивните ролетни се спуштени и не сакале да ни отворат врата.

Велат дека откако се тука три дена немало ниту еден ицнидент. Не комуницираат со соседството, но возвраќаат ако ги поздравите.

„Тука се веќе неколку дена и се многу мирни. Не слушнав ништо, а живеам веднаш покрај нив. Дознав вчера од соседите, но и од вревата што вчеравечер се случуваше тука од голем број луѓе кои дојдоа да ги видат. Навистина не прават проблеми и се тивки” – ни рече еден од соседите.

Од Министерството за внатрешни работи за Кумановски Муабети велат дека овие лица не се опасни по локалното население и нема простор за паника. Во државата влегле легално со сите потребни документи.

– Секторот за внатрешни работи Куманово ја информира јавноста дека групата лица забележана во Куманово претставува група припадници на Еврејската верска заедница. Овие лица ги почитуваат законите на Република Северна Македонија се целосно со легален престој тука, и привремено престојуваат во нашата држава. Во групата има американски, канадски, белгиски и граѓани од Јужна Америка, тие имаат легални патни исправи односно документи и имаат одобрен престој во Републиа Северна Македонија, стои во соопштението.

Според информациите со кои располага МВР, групата е во постојано движење и во наредните денови се очекува да ја напуштат нашата држава.

– СВР Куманово ги информира граѓаните на Куманово дека наведената група не претставува никаква опасност и апелира на толеранција и солидарност кон истите, се додава во соопштението.

Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски вели дека за случајот е запознаен од социјалните медиуми, но додава дека секој кој е дојден со добри намери ќе добие гостопримство од кумановци.

– Според мене како градоначалник, ние како кумановци секогаш сме подготвени, гостопримлив народ и даваме гостопримство на секој оној којшто доаѓа во нашиот град со добри намери. Но повторно ќе кажам ќе оставам на официјалните институции да излезат со свое видување и став, основ за престој и поради кои причини лицата се тука – рече Димитриевски.

Иако засега нема потврда дека станува збор за „Лев Тахор”, сепак сите досегашни информации одат кон овој еврејски екстремистички култ кој, според сведоштвата на поранешните членови, ги учи децата да не им веруваат на луѓето и дека социјалните служби сакаат да ги одземат еврејските деца за да ги воспитаат како „неверници”.

Сектата е основана во 1980-тите и нејзината примарна цел била да го практикува јудаизмот како пред 5.000 години. Инаку, шефот Хелбранс и неговата десна рака Мајер Роснер се обвинети дека се обиделе да принудат малолетна девојка да се омажи за деветнаесетгодишник, а целта била да имаат дете.

Медиумите ги објавија признанијата на девојчињата кои рекоа дека се родени дома, за да не им се откриваат годините.

Групата очигледно има проблеми да се вклопи во општеството. Живеат номадски од држава во држава. Босанските медиуми повикувајќи се на експерти од областа на верските заедници, велат дека оваа група не е опасна за локалното население, но се честа цел на посети од социјалните работници поради екстремните начини на казнување на децата, ускратување на храна, заклучување во подруми, терање на долги молитви.

Кумановски Муабети претходно имаше пишувано на оваа тема. Минатиот месец пренесовме сведоштво на поранешен член на овој култ. Менди Леви избегал од оваа верска заедница, откако водачот му рекол дека мора да се ожени со 12-годишна роднина. Тој зборуваше дека трпеле и физичко насилство од воспитувачите.

Никола Ивановски