(Видео)„Јас не сум убиец, животот ми го зацрнија“, низ солзи порача газда на ресторан во Гевгелија кој е казнет со 7.000 евра за лажни ковид-сертификати – ММС
ММС

Објавено на: 02/13/22 1:03 PM

(Видео)„Јас не сум убиец, животот ми го зацрнија“, низ солзи порача газда на ресторан во Гевгелија кој е казнет со 7.000 евра за лажни ковид-сертификати

Гевгеличани излегоа да му изразат поддршка на сопственикот на ресторанот „Крем“ од Гевгелија, Илија Митрев кој заработи казна од 7.000 евра затоа што неколку лица биле фатени од инспекторите како седат со лажни ковид сертификати.

„Можете да ми се смеете колку сакате, но 7000 евра казна во ова време… Две години се бориме да преживееме. Позајмици правиме за да пуштиме плата на вработените и да платиме сметки. Ова е катастрофа, така не бива луѓе. Јас не сум убиец, идат гости, во време кога има 100.000 лажни сертификати, кога економијата е нула, они ми го прават ова. 7000 евра знаете ли која пара е, животот ми го зацрнија. Катастрофа, извинете“, истакна низ солзи Илија Митрев кој доби поддршка до сограѓаните.

Според одлуката на владата и на инспекторатот, казни добиваат лицата кои носеле лажен сертификат, но и рестораните и кафулињата кои треба да побараат сертификат. Но, проблемот се јавува кога вработените во рестораните треба да проверат дали сертификатот е веродостоен.

ММС во неколку наврати пишуваше дека во дел од кафулињата, гостите влегуваат со сертификати од друго лице, а никој од редарите не ги легитимира гостите со што се злоупотребува.

Граѓаните и угостителите не се информирани дека според Законот за лични податоци и редарите имаат право да побараат лична карта ако се посомневаат во сертификатот и во возраста, а не само полициските службеници. Ова за ММС го потврдија од Владата кога ја запрашавме како ќе се решат овие организациски пропусти при практикувањето на мерките за заштита од коронавирусот.

„Сакаме да Ви укажеме дека инспекторите при вршењето на инспекцискиот надзор преку редарите од приватна лиценцирана агенција за обезбедување имаат овластување да легитимираат ако со приватниот субјект имаат склучено договор, ваква надлежност имаат и службениците од Министерството за внатрешни работи.Со скенирање на кодот веднаш се потврдува дали сертификатот  е веродостоен. И личната карта служи за потврда на легитимноста. Право да побараат лична карта имаат редарите доколку се посомневаат во сертификатот и во возраста-не е спорно според Законот за лични податоци“, велат од Владата.

И социјалните мрежи вриеше со понуди за лажни тестови, сертификати и се што треба за да одите на шопинг и на одмор.

На социјалната мрежа Твитер имаше објава дека за 300 евра може да се добие вакцинален сертификат со вистински дигитален код кој ќе ги содржи вистинските податоци на тој што плаќа, а го изработуваат луѓе кои имаат пристап до кодовите.

По социјалните мрежи се појавија и информации дека наводно во Врање може да се добие сертификат за само 150 евра.

Орце Костов

фото и видео: Фејсбук