Пратеникот од ВМРО ДПМНЕ, Јован Јаулески соопшти дека синоќа околу 21 часот било запалено возилото на неговиот брат во дворот на семејната куќа. Јаулески смета дека не се работи за случајност, туку намерен чин, бидејќи до возилото било пронајдено шише со бензин.
-Ова е со намера предизвикано од човечка рака бидејќи до автомобилот беше пронајдено шише со бензин. Ја испрскале целата кола, го фрлиле шишето запалиле и избегале. Ако ова е некаква порака за мене или моето семејство, уште веднаш да им порачам дека јас не им се плашам. Не се плашиме затоа што немаме зошто, напиша Јаулески на Фејсбук.
Дека нешто не е во ред им сигнализирале возила кои им свиреле, поминувајќи покрај куќата во чиј двор горело возилото. Јаулески вели дека неговиот брат важи за мирен човек, па според тоа, намерата е јасна.
-Мојот брат, моето семејство важат за мирни и скромни луѓе, немаат лош збор со никого ниту пак имаат непријатели, затоа ова не може да се разбере никако поинаку освен обид за заплашување преку испраќање ваква кукавичка порака, вели Јаулески.
Од МВР го потврдуваат инцидентот и соопштија дека се работи на расчистување на случајот.
-На 11.02.2022 во 21.45 часот во ОВР Струга e пријавено дека било опожарено патничко возило „фолксваген пасат”, со струшки регистарски ознаки, сопственост на Н.Ј.(36) од Струга. Повредени лица нема, a пожарот е изгаснат со интервенција на територијалната противпожарна единица од Струга. Увид извршија полициски екипи од ОВР Струга и се преземаат мерки за расчистување на случајот, соопшти МВР.
Фото и видео: ФБ