КСС бара усогласување на платите со минималната и почитување на колективните договори – ММС
ММС

Објавено на: 02/11/22 1:34 PM

КСС бара усогласување на платите со минималната и почитување на колективните договори

Конфедерацијата на слободни синдикати бара до средината на март усогласување на останатите плати со минималната плата, во спротивно не ја исклучуваат можноста за генерален штрајк на јавниот сектор. Синдикатот на прес-конференција денеска побара почитување на законите и на колективните договори според кои треба да се изврши усогласување на платите со минималната.
Според синдикатот, во јавниот сектор не се почитуваат законите и колективните договори поради што вработени земаат основна плата под минималната, а не се зема ниту соодветна плата според коефициентот на сложеност.
– Потребата од почитување на законите и колективните договори мора да биде денес и сега затоа што ако работниците во јавниот сектор во април ја добијат мартовската плата без усогласување ќе настане голем хаос, рече претседателот на КСС, Благоја Ралповски.
Според него, прашањето треба да се реши до 15 март и да се направи ребаланс на буџетот затоа што станува збор за поголема сума на пари што треба да бидат одвоени.