Зошто Антонио Ристовски цела година зема плата а не доаѓа на работа, прашува првиот човек на ски-федерацијата Циговски – ММС
ММС

Објавено на: 02/10/22 3:15 PM

Зошто Антонио Ристовски цела година зема плата а не доаѓа на работа, прашува првиот човек на ски-федерацијата Циговски

Првиот човек на Скијачката федерација Огњан Циговски реагираше после постот на поранешниот македонски олимпиец Антонио Ристевски кој во моментов како тренер на алпските скијачи е со написот олимписки тим на ЗОИ во Пекинг.

Целата ситуација ескалираше откако Циговски побара од Антонио оправдување за тоа што не се појавил на работа во федерацијата во овој тековен месец, па Ристевски обвини дека 11 месеци во федерацијата трпел тортура на работа.

Првиот човек на федерацијата, Огњан Циговски, вели дека кон Ристевски се постапува исто како и кон секој друг вработен без исклучок.

-Барањето за произнесување за отсуство од работа испратено до г.Ристовски беше испратено и до сите вработени кои го немаат оправдано отсуството, без исклучок и без оглед на личните и приватните достигнувања во спортот. За жал новото раководство на Федерацијата затекна ваква состојба на непочитување на професионалните работни задолженија од страна на вработените што редовно, секој месец подигаат плата. Од за нас нејасни причини, ваквата состојба била за жал толерирана од претходното раководство. За нас е очекувано што некој, во случајов г.Ристевски, е вознемирен што му се обраќаме писмено и преку овластени правни застапници. Навикнат да се однесува неодговорно, непрофесионално и неетички кон професионалните обврски во федерацијата, наместо да одговори зошто речиси цела година зема полна плата, а го нема на работа, г.Ристевски пласира невистини и дезинформации во јавноста.

Сега станува многу појасно зошто толку тажно изгледа учеството на само тројца олимпијци од Македонија на зимските олимписки игри во Пекинг. Сега знаеме и дека четвртиот македонски учесник во Пекинг, во улога на тренер, е г.Ристовски. Тој што е лично одговорен за симболичното учество на нашата земја на зимската олимпијада 2022“, соопшти Циговски.

Претседателот демантираше дека Скијачкиот центар Маврово им забранил на клубовите да тренираат на ски-терените.

Реакцијата на Циговски доаѓа по вчерашното соопштение на Ристовски во кое изразува разочарување поради барањето образложение од страна на претседателот на Скијачката федерација на Македонија, Огњан Цигански зошто тој не се појавува на работа. Ристовски преку социјалните мрежи порача дека не може да оди на работа затоа што се наоѓа на Олимпијадата во Пекинг.

Замислете, целата јавност знае дека сме на ЗОИ само г-дин Огњан Циговски не знае! Го пишувам ова јавно бидејќи сум огорчен. 11 месеци трпам тортура, а надлежните државни институции се неми за нечие самовластие. Како што сте тргнале ќе бидете запомнети како гробари на македонското спортско скијање. ПА ДА ВИ КАЖАМ , ЈАС бев и сум на ЗОИ во Пекинг заедно со Дардан, каде гордо и достоинствено ја претставуваме нашата Држава. Ние ќе бидеме светлата страна на историјата. Тоа не може да го избришете со мејлови, закани, препорачани писма, забрани за тренинг на “вашето Маврово”….можеби можете да ме избркате од работа, но спортската душа никогаш нема да ми ја одземете!!!“, напиша Ристевски на социјалните мрежи.

О.К.

фото: Приватна архива од Фејсбук