Веќе осми ден селото Луковица на планината Сува Гора, Општина Желино е блокирано со наноси и до еден метар снег, па 45 лица кои моментално се во ова населено место, немаат можност да се снабдат со храна, лекови, нити пак да им се пружи лекарска грижа.
Првиот снег паднал на 2 февруари, а по неколку дена ветерот го затрупал патот. Од месната заедница, велат дека селото Луковица е заборавено од општинските власти.
-Сите планински правци се исчистени, само до нашето село не се пушта механизација, додаваат оттаму.
Се обратиле и до службите од централната власт, но без исход. Не останува ништо друго, најверојатно ќе чекаме сонцето да го истопи снегот.
-Градоначалникот не сака да заврши работа и да го исчисти патот.Ние мештаните не го дадовме гласот за градоначалникот Блерим Сејдиу, можеби и тоа е причината за ваквиот однос.Патот од Групчин до Седларево е исчитен, а нашиот крак од село Ликовица до Крстец не е исчистен. Другиот снег кога падна имаше ветер и имаше наноси до еден метар снег. Денеска разговарав со директорот на ЈКП Желино, рече дека ќе биде работата, а градоначалникот рече дека не знае ништо за тоа и ќе раговарал и ќе прател механизација, но од тоа нема ништо.
Највеќе не иритира дека другите правци се чистат, а правецот до нашето село не се чисти. Таму нема продавница, резервите на храна се трошат.Јас имам остварено контакт со директорот на ЦУК Стојанче Ангелов,тој се ангажираше два дена, никако не можеше да ги добие луѓето од општината, па и тој дигна раце и така остана, рече Миле Сибиновски претседател на месна заедница од село Луковица
Мештаните, велат дека залихите на храна им се при крај, а во селото има фарми каде животните гладуваат. Најлошо е што има стари луѓе, на кои им е потребен доктор.
-Дојдов во град со ланци со теренско возило, ама и со ова теренско возило многу тешко беше да се пробијам. Малку залихи за храна имаме за козите, не знам како ќе се снајдеме, само да не заврне пак снег, инаку е катастрофа рече Борче Милошевски сопственик на фарма од село Луковица.
За игнорантскиот однос на локалните власти кон село Луковица говори и проектот за асфалтирање на патот до ова населено место, кој чека реализација три децении.
Луковица и натаму е единственото село во западна Македонија до каде може да се стигне по земјен пат, иако особено во летниот период во ова село каде се градат и голем број викенидчки има и до 500 лица кои уживаат во природните убавини на планината и на езерото Козјак кое им е во непосредна близина.
Зоран Димовски