(Видео)„Платата од 18.000 денари е доволна за скромен живот, многу му благодарам на премиерот“, рече шивачот Полико Авдиу кој од Германија се вратил после 18 години – ММС
ММС

Објавено на: 02/9/22 1:35 PM

(Видео)„Платата од 18.000 денари е доволна за скромен живот, многу му благодарам на премиерот“, рече шивачот Полико Авдиу кој од Германија се вратил после 18 години

Полико Авдиу, шивач во компанијата „Текстил Солушн“ која ја посети премиерот Димитар Ковачевски пред медиумите истакна дека минималната плата од 18.000 денари, можеби е мала, но доволна за скромен живот, а среќата му донела исти работни услови како во Германија од која се вратил после 18 години.

– Јас сум задоволен, бидејќи јас 18 години работев во Германија и среќата ме донесе во оваа компанија во која се вработив пред осум години. Најдов услови исти како во Германија, да ви кажам искрено. Сега ги гледам младите, сакаат да одат во Германија, но животот таму не е како што мислиме ние. Јас сум задоволен. Плус сега и од минималната плата, благодарение на премиерот кој најде компромис со синдикатот и работодавачите. Многу му се заблагодарувам на Димитар Ковачевски. Сега 18.000 денари, мислам дека не е многу, но за скромен живот е доволно. Мислам и дека понатаму ќе растат платите ако работиме повеќе. Директорите ни носат нови машини и продуктивноста ќе расте поради тоа. За нашата компанија не можеме да се жалиме затоа што имаме нај нај услови. Благодарам премиере, сакам да ви го честитам изборот за премиер на нашата Северна Македонија – рече Авдиу.

Ковачевски посочи дека е дефинирано висината на минималната плата да не може да биде пониска од 57 % од просечната плата, оценувајќи дека заедничкото решение за повисока минимална плата и за методологијата со која таа континуирано ќе расте, е резултат на отворен дијалог и меѓусебно разбирање. Тој изрази задоволство од постигнувањето на овој договор, со кој 80.000 работници во земјата ќе имаат право на минимална плата од 18.000 денари, која е повеќе од двојно зголемена, ако се спореди со 2014 година кога изнесуваше 8.800 денари.

Генералната менаџерка на компанијата, Маријана Ацески – Томоска, во своето обраќање изрази уверување дека ќе биде реализирано зголемувањето на минималната плата на 18.000 денари, оценувајќи ги позитивно отворениот дијалог и напорите на Владата за подобрување на деловниот амбиент, притоа поздравувајќи ја и финансиската поддршка на Владата, која се обезбедува преку Фондот за иновации и технолошки развој, а која отвора можности за освојување на нови пазари и економски раст.

О.К.

фото: Влада на РСМ