Бугарскиот премиер му се јавил на Ковачевски да се информира за инцидентот во Битола и искинатите венци на гробот на Гоце Делчев – ММС
ММС

Објавено на: 02/9/22 11:55 AM

Бугарскиот премиер му се јавил на Ковачевски да се информира за инцидентот во Битола и искинатите венци на гробот на Гоце Делчев

Бугарскиот премиер Кирил Петков вчера му се јавил на премиерот Ковачевски да се информира во врска со два инциденти кои деновиве се случија во земјата. За ова денеска информираше премиерот Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција.

Едниот случај за кој Петков сакал да добие информации е за искинатите ленти со бугарско знаме од венците на гробот на Гоце Делчев, по одбележувањето на 150 годишнината од неговото раѓање, за кој Ковачевски истакна оти го информирал дека МВР постапува согласно процедурите.

Вториот случај за кој Петков прашал е искршеното стакло во бугарскиот Културен центар „Иван Михајлов“ во Битола.

– Вториот беше за искршено стакло во Битола, за кој се испостави дека не се работи за инцидент од политички причини, туку инцидент мотивиран од други, приватни причини и лицето веќе има дадено изјава, рече Ковачевски.

Во однос на отворените политички прашања премиерот најави дека министерствата за надворешни работи ќе имаат средба на 10 и 11 февруари. Доколку се постигне напредок прифатлив за двете страни, како што вели Ковачевски, а врз основа на европски вредности и почитување на двете страни, тогаш МНР ќе соопшти.