Комисија за категоризација ќе одлучува дали Ембла ќе следи редовна настава – ММС
ММС

Објавено на: 02/7/22 4:20 PM

Комисија за категоризација ќе одлучува дали Ембла ќе следи редовна настава

Триесетина родители, претставници на општинската власт и на  Комисијата за заштита од дискриминација заедно го разгледаа случајот со Ембла, девојчето со Даунов синдром од Гостивар. По состанокот кој траеше повеќе од два часа и не беше отворен за новинарите се заборувало за настанатата ситуација и било заклучено девојчето да продолжи со следење настава преку инклузија, а во меѓувреме посебна комисија да направи нова категоризација.

По состанокот се обрати само градоначалникот на општина Гостивар, Арбен Таравари кој изнесе некои поединости, за кои, како што рече, даваат ново светло и правец кон наоѓањето решение.

– Од состаноците кои ги имав, со дефектолозите, психологот, учителката и со родителите произлезе дека родителите на девојчето инсистирале тоа да посетува настава со инклузија и тоа е овозможено. Годинава кај неа било забележано агресивно однесување и овој факт го потврдија речиси сите. Иако меѓу децата имало разбирање, сепак има некои од соучениците биле и повредувани. Освен Даунов синдром, Ембла има и форма на аутизам, што е потврдено и во извештајот од комисија која врши категоризација на вакви деца. За неа се обезбедени и посебни услови во училиштето. Сепак, некои од родителите искажеле загриженост за нивните деца. Како институција ќе побараме уште еднаш да се направи категоризација за Ембла, по што ќе се донесе конечен заклучок со препорака дали таа ќе следи настава преку инклузија или во паралелка за деца со посебни потреби, тоа ќе се знае наскоро, рече градоначалникот Таравари.

 

Случајот со 11-годишно девојче предизвика внимание откако беше обелоденето дека родители на ученици од училиштето „Единство-Башкими” се незадоволни од нејзиното однесување и потпишале петиција тоа да не следи настава заедно со нив. Второто полугодие Ембла го започна со задоцнување и беше објавено дека има противење таа да следи редовна настава.

Во Гостивар денеска дојде и претседателот Стево Пендаровски и го посети семејството Адеми. Тој по средбата порача дека предрасудите се пречка во градењето еднакво и праведно општество.

МИА