Агенцијата за заштита на личните податоци смета дека објавувањето на решенијата на вебсајтот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат за лицата кои биле позитивни на ковид-19 и треба одат во изолација, е незаконско.
Од Агенцијата за заштита на личните податоци за ММС велат дека го известиле ДСЗИ дека ако се објавуваат решенија за изолација тоа ќе биде прекршување на законот за лични податоци, посебно затоа што решенијата содржат и посебни категории на лични податоци што се однесуваат на здравјето и истите уживаат посебна заштита.
„Во врска со објавувањето на решенијата за лицата кои треба да бидат во изолација на веб страницата на Државниот санитарен инспекторат, не постои законски основ за објавување на истите на веб страницата и во Службен весник на Република Северна Македонија. Ова особено што решенијата за лицата кои треба да бидат во изолација поради коронавирусот КОВИД-19 содржат и посебни категории на лични податоци односно податоци што се однесуваат на здравјето, а кои лични податоци уживаат посебна заштита според прописите за заштита на личните податоци и за нив не може да се применат исклучоците од правилото за забрана за обработка на посебни категории на лични податоци“, рекоа за ММС од Агенцијата за заштита на личните податоци.
По покренатата постапка од страна на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), претставниците на ДСЗИ посочија дека веќе се разгледани најголемиот број на опции за поефикасно доставување на решенијата и дека во соработка со ИТ компанија дискутиран е нов електронски систем на доставување на решенијата за изолација.
При креирањето на овој систем претставниците на ДСЗИ консултирале професори од Правниот факултет и стручни лица од Агенцијата за заштита на лични податоци што значи дека системот ќе ги земе предвид позитивните законски прописи за заштита на личните податоци.
Од Агенцијата за заштита на личните податоци велат дека доставувањето на решенијата може да се врши по електронски пат, но притоа да се применат соодветни технички и организациски мерки според степенот на ризик на операциите на обработка на личните податоци.
“Секое физичко лице кое има потреба да дојде до своето решение за изолација ќе треба да има единствено можност да пристапи и да го преземе сопственото решение, при што нема да има можност да пристапи, гледа и обработува податоци содржани во решенијата за изолација на други физички лица“, соопшти Агенцијата.
Лични податоци не се само информациите со кои се идентификува физичкото лице, туку и посебни категории податоци кои откриваат расно или етничко потекло, политички ставови, верски или филозофски убедувања или членство во синдикални организации, како и генетски податоци, биометриски податоци, податоци што се однесуваат на здравјето или податоци за сексуалниот живот или сексуалната ориентација на физичкото лице, додека податоци што се однесуваат на здравјето се лични податоци поврзани со физичкото или менталното здравје на физичкото лице, вклучувајќи и податоци за добиената здравствена заштита кои откриваат информации за неговото здравје.
Обработка на посебните категории на лични податоци е забранета, а по исклучок истите може да се обработуваат согласно утврдените исклучоци во Законот за заштита на личните податоци (член 13).
Орце Костов