Ковачевски: Барањето за укинување на Пржинската влада сега е дефокусирање од проблемите – ММС
ММС

Објавено на: 02/7/22 1:37 PM

Ковачевски: Барањето за укинување на Пржинската влада сега е дефокусирање од проблемите

Барањето на опозицијата за укинување на Пржинската влада во момент кога државата се соочува со големи предизвици, премиерот Димитар Ковачевски го нарече обид за дефокусирање од најважните проблеми. Во моментов според Ковачевски државата треба да се фокусира на справување со здравствената и енергетската криза, топлинската криза во Скопје, но и на активните разговори со Бугарија, со цел да се одржи првата меѓувладина конференција.

– Самото барање на опозицијата за укинување на Пржинската влада покажува дека имаме демократски амбиент кој го немавме во времето на воведување на Пржинската влада, кога имавме заробена држава каде администрацијата и државниот апарат беа користени во партиски изборни цели, а медиумите не можеа слободно да ја извршуваат својата работа, рече Ковачевски.

Ковачевски вели Пржинската влада е договорена меѓу четирите најголеми партии и така треба да биде укината, а не со барање само на една партија.

– Притоа имајте предвид дека имаше изјава од страна на коалиционен партнер на ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса, која има друг поглед на тоа прашање. Мислам дека треба да седнат работни групи и да договорат решение кое ќе важи за изборите во 2024 година, рече Ковачевски.

Одоговарајќи на новинарско прашање, тој вели дека прашањето за една изборна единица е дел од изборниот законик, а тој се носи со консензус.

Ковачевски потенцира дека СДСМ како политичка партија прва го поддржа концептот за една изборна единица, што значи дека го поддржале барањето на помалите политички партии.

– Јас имам свој личен став дека изборните модели мора да бидат правени низ широка расправа преку работни групи кои ќе вклучуваат претставници на политички партиии, но и експерти од ресорните министерства, експерти на ОБСЕ и ОДИХР, а со цел да дојдеме до изборен законик кој ќе ги отсликува заложбите на политичките партии и барањата на граѓаните. Значи имаме доволно време до изборите во 2024, да се формираат работни групи кои ќе работат на тоа каков изборен законик ќе имаме за следните парламентарни избори,рече Ковачевски денеска при посетата на ТИРЗ во Штип.