Според универзитетскиот професор Александар Спасеновски промената на изборниот систем предизвикува отварање на пандорина кутија. Се оперира од една до 8 изборни единици, па и со отварање на Уставот што може да предизвика опасна инфлација на нови барања и прашања. Позитивните страни на актуелниот изборен модел се далеку повеќе од неговите негативности и сметам дека промената на изборниот модел е прашање со помал товар за македонската демократија. Постојат многу други поважни и посериозни прашања со кои треба да се бават владата, политичките партии и јавноста.
Во нашата плурална историја имавме искуство со три модели на парламентарни избори.
Почнувајќи од 90 те години кога беше имплементиран мнозинскиот систем на владеење, потоа имавме искуство со еден мешовит систем и од 2002 година до денес беше применет т.н регионален пропорционален изборен модел во кој целата држава е поделена во шест изборни единици.
Кога станува збор за европските држави, Спасеновски вели од анализирани 33 држави, 28 користат варијанта на пропорционален изборен систем, две од нив користат мнозински, додека пак во три држави се употребува т.н мешовит изборен систем.
„Во најголем број на државите се употребува варијантата на пропорционален изборен систем што претставува истоветна карактеристика применета и во нашата држава. Важно е да се истакне и дека во оние држави каде се употребува пропорционалниот изборен систем,територијата на државите најчесто е поделена на повеќе изборни единици”, изјави професорот Спасеновски.
Во европските држави, единствен исклучок се Холандија, Црна Гора, Србија и Словачка каде што територијата на цела држава е организирана како една изборна единица. Најчесто државите прибегнуваат кон варијанта на организирање и инсталирање на пропорционален изборен систем со повеќе изборни единици.
„Целта на промената на изборниот систем треба да биде во насока на одредени негативности кои што го следат имплементирањето на овој изборен систем од една страна, но од друга страна да создаваме една ситуација која нема да генерира нови институционални, политички и правни проблеми.Кога станува збор за нашата држава, регионалниот, пропорционален изборен модел според мене успева во целост или во поголема мера да ги оствари клучните особености и аспекти со имплементирањето на еден изборен модел, меѓутоа од друга страна да не создаде нови и поголеми прпблеми”, изјави Александар Спасеновски, универзитетски професор, за емисијата „Стадион”на Радио Канала 77.
Користа од овој изборен модел е далеку поголема од одредени негативности, вели тој.
„Главните негативности со овој изборен модел, се во однос на претставеноста на политичките партии во Собранието адекватна на изборната волја од една страна, и од друга страна исполнувањето на законодавната функција во Собранието во целост, особено она што се нарекува контролна функција на законодавната власт во однос на извршната власт. Начинот на кој што се изразува изборниот модел во нашата земја овозможува имплементирање на таа стратификација во општетсвото во македонското Собрание. Доколку го анализираме моментот на претставеноста на уставно споменатите етнички заедници во собранието ќе можеме да дојдеме до заклучок дека во еден анализиран период застапеноста на пратениците врз основа на етничката припадност претставува рефлексија на таквата стратификација во општетсвото”, вели Спасеновски.
Тој вели дека скоро во сите изборни циклуси од 2002 па се до 2020 година може да се забележи дека бројот на пратениците Македонци во одредена мерка кореспондира со присутвото на оваа етничка заедница во државата. Истото се однесува и на Албанците, Турците, Србите, Ромите, Власите, Бошњаците кои што во изминатите изборни циклуси имаат своја претставеност во македонскиот парламент.
„Тоа се должи исто така и на праксата на политичките партии кои како резултат на повеќегодишната примената на овој изборен модел успеваат да ги компензираат недостатоците со големи и широки политички коалиции главно со политички партии од помалите етнички заедници. И на тој начин партиите од поголемите коалиции успеваат да добијат повеќе гласови и повеќе пратенички места, а од друга страна партиите на помалите етнички заедници успеваат даобезбедат свое место во македонското собрание”,вели Спасеновски и додава дека недостатокот на овој изборен модел е начинот на кој се остварува контролната функција на пратениците во Собранието, што може да се обезбеди преку отворени листи со гласање за партија и за личност.