Во периодот од 27 јануари до 3 февруари за превоз со жичницата од средно до врв на Водно имало интерес од 3.323 граѓани. само за време на викендот (29 и 30 јануари) 2.260 граѓани го посетиле Водно и ја искористиле жичницата, соопштија од Град Скопје.
Жичницата до врв на Водно и трите автобуски линии кои сообраќаат до Средно Водно повторно се во функција од 30.12.2021 година. Од Град Скопје потсетуваат дека, во периодот ноември – март жичницата работи секој ден, освен понеделник и секој последен вторник во месецот од 10 до 17 часот, поради сервисирање.
– За возење во жичницата важат протоколи за заштита од Ковид 19, во кабина се дозволува превоз на максимум четири лица, кои имаат обврска да носат маска. На патниците пред влез во кабината им се мери температура и се врши дезинфекција. Кабините се дезинфицираат трипати во текот на денот, велат градските власти. За граѓаните на користење се отстапуваат и два транспортера за превоз на домашно милениче (куче со мал/среден раст), а дозволен е и превоз на куче-придружник на лицата со хендикеп.