„Во време на пандемија, кога речиси секој од нас е погоден од вирусот, дел од нас изгубивме и најблиски, посакувам заеднички да упатиме апел, секој граѓанин да ја сфати сериозно потребата за вакцинација“, изјави Беким Сали, министерот за здравство, по средбата со поглаварите на верските заедници, што се одржа во Спомен куќата „Мајка Тереза“.
Одговорајќи на новинарско прашање во врска со изјавата на професорот Драган Даниловски, дека се уште нема протокол за лекување на ковид, Сали одговори: „Протокол за лекување ковид постои, веќе две години е напишан, споделен во институциите и е напишан од професори од Клиниката за инфективни болести. Јас не можам да коментирам изјави на професори кои што јас ги почитувам, меѓутоа не се спремни да се справат со реалноста и даваат, за жал, за мене необјасниви и несериозни изјави кои што негативно влијаат во општеството“.
Тој уште еднаш посочи дека е убеден дека токму вакцинацијата е најбезбедниот начин за заштита од ширење на вирусот и инфекцијата.
И верските лидери се на ставот дека вакцинацијата е единствениот начин за заштита.
Поглаварот на Македонската православна црква, господин- господин Стефан ги повика граѓаните и верниците да се придржуваат до мерките што ги воведоа институциите задолжени за заштита на здравјето.
На средбата присуствуваа и бискупот на Католичката црква, Киро Стојанов, претседателот на Еврејската делница Пепо Леви и супериндендентот на Евангелско-методистичка црква во Северна Македонија, Марјан Димов.