После три закажани и одложени средби, конечно вчера доцна попладнето, претставниците на Економско социјалниот совет (ЕСС), Владата, синдикатите и Организацијата на работодавачите, седнаа да преговараат за минималната плата, од 15.000 денари на 18.000 денари. Но, договор не беше постигнат. По неколкучасовната вчерашна расправа, социјалните партнери биле се согласни дека таа треба да се зголеми, но не ја договориле ниту висината, ниту кога ќе се случи тоа.
Според вицепремиерот Фатмир Битиќи, дијалогот бил конструктивен и имало консензус за зглемување на минималната плата.
„Дијалогот ќе продолжи в петок, после 16 часот. Ги уверувам сите граѓани кои се во категоријата на приматели на минимална плата, дека наскоро ќе има консензус околу нивните покачени минимални плати. Но, единствениот начин е креирање систем што е долгорочен“, изјави Битиќи по седницата.
Според него, треба да се зборува за креирање механизам кој и наредните години ќе осигура дека минималната плата навистина е достоинствена за работниците.
Дарко Димовски, претседателот на ССМ посочи дека предлогот на работодавачите е само обид да се купи време.
„Преговаравме три часа и кога преовладаа аргументите на наша страна и на останатите синдикати, работодавачите во 5 до 12 излегоа со свој предлог. Аргументите беа на наша страна, ја убедивме Владата дека минимална плата треба да биде 60 проценти од просечната, но, Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ) само сака да купи време до петок со измислен предлог“, изјави Димовски.
Тој е додаде дека, доколку не се дојде до решение, останува штрајкот како следен чекор на синдикатите. Штрајкувачките одбори се подготвени, и в петок ќе им се соопшти на партнерите дека, ако не се одобри барањето на синдикатите, ќе се стапи во генерален штрајк.
Претседателката на ОРМ, Владанка Трајковска, појасни дека предложиле критериумите по однос на одредување на минималната плата треба да претрпат измени.
„Имавме некоку идеи, дали ќе бидат прифатени или не, ќе видиме. Синдикатот имаше свои идеи. Очекуваме компромис помеѓу сите три чинители. Решението треба да е соодветно на сегашната состојба во економијата. Очекуваме од службите на Владата да излезат со анализи во однос на нашите предлози и дури тогаш ќе можеме да зборуваме за конкретни предлози и бројки“, рече Трајковска.
Предлог-измените на Законот за минимална плата на ССМ се поднесоа лани до Собранието.
Засега, освен Левица, поддршка на измените дадоа од Левица, ДОМ и Демократскиот сојуз.
Предлог-законот за измени на Законот за минимална плата веќе го поднесе Левица и тој е ставен на дневен ред во Собранието на 10 февруари. Со него се предлага висината на минималната плата да не биде пониска од 60 проценти од просечната нето-плата во последните три месеци.
М.Т.