ИТ секторот ќе плаќа 0 отсто даноци до крајот на годинава, најави Ковачевски – ММС
ММС

Објавено на: 02/2/22 1:20 PM

ИТ секторот ќе плаќа 0 отсто даноци до крајот на годинава, најави Ковачевски

„До 2023 година предвидуваме намалување на персоналниот данок во ИТ секторот од сегашните 10 отсто на 0 отсто, што ќе биде силен стимул за младите што повеќе да се насочат кон овој сектор каде од ден во ден се потребни се повеќе работници“, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски. Тој најави дека до 2023 се предвидуваат низа стимулативни мерки во ИКТ секторот, освен намалување на персоналниот данок од сегашните 10 отсто на 0 отсто, и ослободување од данок за преквалификација, обука, дообука во компаниите, ослободување од данок од трошоците кои се прават за лиценци..

„Финансиската поддршка на Владата во перспективни компании и стартапи во ИКТ секторот ќе продолжи и ќе расте. Секое ново работно место во оваа индустрија значи добро платена позиција, сигурна кариера и развој на младите и конечно, развој на економијата и раст на животниот стандард во земјата”, истакна Ковачевски, при денешната посета на стартап компанијата „Меџикс“, заедно со министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска и директорот на АВРМ Беким Мурати. Компанијата е отворена со мерката самовработување, преку МТСП.

Оперативниот план за вработување на Владата е со искористеност од преку 92 отсто, обуките за развој на дигитални вештини имаат 100 отсто реализација, а 400 невработени лица се стекнале со дигитални вештини благодарение на таа мерка.

„Заради ефикасноста и големиот интерес минатата година, во 2022 го креиравме Оперативниот план во износ од 28 милиони евра. Тој е за 230 милиони денари повеќе од лани“, подвлече Ковачевски.