Индустриското производство лани во декември е намалено за 4,9 отсто во споредба со истиот месец од 2020 година, објави Државниот завод за статистика. Во секторот Преработувачка индустрија имало пад од 9,1 отсто, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација пораст од 20,5 отсто.
Според ДЗС, намалувањето кај Преработувачката индустрија е резултат на намаленото производство на пијалаци, текстил, облека, основни фармацевтски производи и препарати, метали, фабрикувани метални производи, машини и уреди, моторни возила, приколки и полуприколки.
Според главните индустриски групи, производството во декември 2021 година, во однос на декември 2020 година, бележи пораст кај Енергијата за 18 отсто и Трајните производи за широка потрошувачка за 23,4 отсто. Додека опаѓање има кај Интермедијарните производи, освен енергија, за 5,8 отсто, Капитални производи за 20,5 и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 4,3 отсто.
Во 12 месеци од 2021 година индустриското производство е повисоко за 1,4 отсто во споредба со истиот период од една година претходно.