ЕУ со пораката „Се сеќаваме“ го одбележува Денот на Холокаустот, најголемата трагедија во историјата на човештвото – ММС
ММС

Објавено на: 01/27/22 12:51 PM

ЕУ со пораката „Се сеќаваме“ го одбележува Денот на Холокаустот, најголемата трагедија во историјата на човештвото

Со пораките „Никогаш повеќе“ и „Се сеќаваме“, ЕУ денеска се сеќава на Холокаустот, геноцидот врз Евреите, извршен за време на Втората светска војна врз Евреите, кога шест милиони луѓе беа убиени од германските нацисти и нивните соработници, меѓу кои беа и 1,5 милиони деца.
Одбележувајќи го 27 јануари како Меѓународен ден на сеќавање на Холокаустот и денот кога беше ослободен нацистичкиот логор на смртта Аушвиц во 1945 година, највисоките претставници на ЕУ велат дека ваквите злосторства никогаш повеќе не смеат да се повторат и повикуваат на секојдневна борба против говорот на омраза и дискриминацијата.
„Холокаустот беше европска катастрофа. Антисемитизмот доведе до катастрофа. Антисемитизмот го дехуманизираше еврејскиот народ. Во нацистичка Германија таа дехуманизација ја отвори вратата за Холокаустот. Никогаш не смееме да го заборавиме тоа“, рече претседателката на Европската комисија,Урсула фон дер Лајен.
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, рече дека и денес Евреите се чувствуваат загрозени во Европа и дека се цел на напади кои ЕУ никогаш нема да ги прифати или дозволи.
Шефот на дипломатијата на ЕУ, Јосеп Борељ, во изјава рече дека Холокаустот е најголемата трагедија во историјата на човештвото и дека жртвите и нацистичките злосторства никогаш не смеат да се заборават.
„Денес и во годините што доаѓаат, остануваме посилни од кога било во нашата посветеност никогаш да не заборавиме. Имаме должност да го зачуваме споменот на сите жртви и нивните страдања. Тоа им го должиме на оние кои страдаа во Холокаустот, на преживеаните и тоа им го должиме на нашите идни генерации“, рече Борељ.

По повод Денот на сеќавањето на Холокаустот, во Европскиот парламент во Брисел се одржува комеморација на која присуствуваат претседателите на Европскиот парламент, Комисијата и Советот. Седиштето на ЕК беше осветлено со пораката „Се сеќаваме“, со која ЕУ се приклучи на глобалната кампања што ја започнаа Светскиот еврејски конгрес и УНЕСКО во спомен на жртвите од холокаустот.

извор и фото: rts.rs