На покана на Здружението за заштита и спасување во планина и на непристапен терен „Асклепиј”, директорот на ЦУК Стојанче Ангелов, ја посети истоимената ски-патрола на терен – на скијачкиот центар „Попова Шапка”, каде што познатиот алпинист и двигател на многу проекти од сферата на спасување човечки животи на планина Константин Циривири, го запознава со нивната работа, информираат од ЦУК.
Покрај директното запознавање со динамиката на работа, Ангелов се запознал и со проблемите со коишто се соочуваат спасителите, а чиешто решавање би значело и зголемена безбедност на скијачите и посетителите на ски-центарот, а и пошироко.
-Центарот за управување со кризи, согласно своите ингеренции и можности, преку соработка со ваквите активни невладини организации го зголемува и потенцијалот на системот за управување со кризи што преку координација би дал подобри резултати за лекување и за спасување животи, а и материјални и природни добра, велат од ЦУК.
Во поглед на повредите кои се случиле, конкретно на теренот на ски-центарот, Циривири истакнал дека околу 20 до 30 проценти биле сериозни повреди за коишто е потребен медицински транспорт.
-Практиката покажала дека во една скијачка сезона има околу стотина такви сериозни повредени, при што некогаш во еден ден може да има и по повеќе од два до три итни случаи на повредени. Транспортот на повредените од скијачките терени го извршуваат спасувачките ски-патроли со специјална „аки” санка што ја придвижуваат двајца скијачи – спасители или со моторна санка до првиот пат којшто е најблизу до местото на повреда, а потоа го преземаат медицински лица со возилата на медицинска брза помош, велат од ЦУК.
Според ЦУК, значајно е што ски-патролата работи и по меѓународни стандарди, бидејќи ова здружение за заштита и спасување во планина и непристапен терен „Асклепиј” е првата организација во нашата држава, а е сè уште и единствената, којашто стана член (од 2016-та година) на Меѓународната комисија за алпско спасување ICAR-CISA (International Commission for Alpine Rescue).
извор: ЦУК
фото: ЦУК