Меморандум по меморандум, пруга меѓу Скопје и Софија уште нема-проектот се ветува 27 години – ММС
ММС

Објавено на: 01/25/22 1:33 PM

Меморандум по меморандум, пруга меѓу Скопје и Софија уште нема-проектот се ветува 27 години

Полни усти со ветувања, празни планини без пруга. Од 1993 година наваму, во сите програми на македонските политички партии и сите владини состави, пругата од Македонија до Бугарија е неизоставен дел, една од главните поенти и теми. За овој инфраструктурен проект, што почна да се гради во далечната 1993 година, во изборните програми беа дадени и рокови, за две, три, четири години..Секоја партија со различни ветувања и термини за старт на градбата и секоја година со потпишување на меморандуми и формирање на работни групи со Бугарија, со изјави за обезбедени милионски средства од ЕБОР, ИПА фондови и други странски финансиери и други организации, за подготовка на програми за старт на проектот..и уште ништо.

Претпоследниот меморандум за изградба на пругата РСМ го потпиша лани во октомври, а најновиот денеска во Софија на заедничката седница на владите на Северна Македонија и Бугарија. Министрите за транспорт и врски Благој Бочварски и Николај Сабев потпишаа два документа за инфраструктурното поврзување – за железничкиот Коридор 8 и за директната авио-линија Софија – Скопје, на што ќе работат заеднички работни групи.

фото: МИА

Останува да се види дали овој пат конечно ќе тргнат работите.

Претходно, на почетокот на 2020 владата најави дека ќе се формира заеднички тим од експерти од Македонија и од Бугарија за железничката пруга на Коридор 8, кој е во вкупна должина од околу 90 километри и чија изградбата е поделена на три делници: Куманово – Бељаковце, Бељаковце – Крива Паланка и од Крива Паланка до границата со Бугарија.

Потоа, во октомври 2021, министрите за транспорт на Северна Македонија, Бугарија и Албанија, Благој Бочварски, Христо Алексиев и Белинда Балаку во Софија, потпишаа меморандум за разбирање за изградба на Коридорот 8. Бочварски тогаш изјави дека С. Македонија планира да инвестира 200 милиони евра во првиот квартал од 2022 година за изградба на железничката мрежа на Коридорот 8 кон Бугарија, дека се обезбедени средства за првите две делници, а целата траса на овој коридор на територијата на земјава, ќе биде изградена до 2030 година, а веројатно и порано. Летото 2019 година, пак, во интервју за БГНЕС, тогашниот премиер Зоран Заев порача дека пругата од Куманово до бугарска граница би требало да биде пуштена во употреба најдоцна до 2025 година, како и дека изградбата на третата фаза, од Крива Паланка до Бугарија ќе чини 405 милиони евра, од кои 345 милиони евра се обезбеден кредит од ЕИБ и ЕБОР. Тој рече дека за изградба на целата пруга сме обезбедиле 580 милиони евра, главно кредити, и рокот на пуштање во употреба е најдоцна до 2025 година.

Маја Томиќ