Во март ќе се наврши точно една година откако беше раскопана улицата „Панче Караѓозов“ во Штип, една од најфреквентните артериите која води од центарот и спојува две населби. Улицата се’ уште не е завршена, иако се сменија две локални власти, додека владата остана иста, со истото ветување дека пари има да замени коцката на улицата која цели 40 години не била чепната и уредат тротоарите.
На 30 март беше објавено дека почнува реконструкцијата, а тогашниот градоначалник Сашко Николов рече дека улицата ќе биде готова до 30 јуни.
На 4 септември улицата се’ уште стоеше раскопана, во прашина и со почнати земјени работи, кога Николов и министерот за транспорт Благој Бочварски на лице место објавија дека завршила реконструкцијата на атмосферскиот канал и продолжуваат работите на улицата. Тогашните опозиционери од ВМРО ДПМНЕ набраа и домати од израснатите растенија на раскопаната улица, но тоа, сепак, само го сврте вниманието кон незавршените работи.
На 4 ноември новоизбраниот градоначалник Иван Јорданов го следеше ставањето на првиот слој на асфалт. На својот Фејсбук профил напиша дека се веќе во фаза на асфалтирање и за кратко време ќе се добие комплетен и урбан изглед на улицата, која една година беше покриена со прашина и кал. Тоа „наскоро“ уште не се случило, бидејќи излегува дека на вториот слој ќе се почека, со оглед на временските прилики и ниските температури.
Деновиве, може да се види дека се’ уште стои песокот и бекатон плочките по улицата и тротоарот, а во исчекување на вториот слој на асфалт, повремено при возењето мора да се избегнуваат шахтите поставени повисоко од улицата. Наоколу се паркирани возилата на станарите, кои заземаат цела една лента. Други речиси сосема ги окупираат бекатон плочките на тротоарите. Дел од атмосферскиот канал, иако направен, се’ уште стои отворен. Компанијата „Ескаватори“, која го доби тендерот, е присутна со неколку работници, кои работат на инсталацијата.
Од кабинетот на градоначалникот Јорданов соопштија дека асфалтирањето со вториот слој, со што целосно ќе биде завршена улицата ќе се случи кога ќе затопли и почне сезоната на асфалтирање. Во зима и услови на ниски температури, не работат асфалтните бази. Во меѓувреме, се работи на довршување на почнатите работи, соопштуваат од Општината Штип.
По улицата „Панче Караѓозов“ уште месец – два ќе се вози во ваква состојба. Завршувањето на реконструкцијата на оваа улица го условува и почетокот на реконструкцијата на улицата „Борис Крајгер“ на другата страна од населбата „Сењак“. Кога ќе биде готова, тогаш по улицата „Панче Караѓозов“ ќе се пренасочува целиот сообраќај од Сењакот, за да може да се работи на раскрсницата, која се покажа како слаба точка на штипскиот сообраќај. Двете улици и реконструкцијата на „Сремски фронт“ чинат 71.000 евра.