Охридскиот градоначалник Кирил Пецаков имал позитивен ПЦР тест кога заедно со своите сограѓани и гости ја следел манифестацијата Водици, на која меѓудругите присуствувал и евроамбасадорот Дејвид Гир. Оваа информација прв ја пренесе порталот А1он, кој ја пренесе и изјавата на градоначалникот дека не се изолирал поради тоа што немал симптоми, а тестот го направил поради патување во Банско, Бугарија.
-Немав и сѐ уште немам никаков симптом на коронавирус. Ме прашувате зошто не сум се изолирал по тестирањето – тоа е едноставно, јас отидов да се тестирам оти имавме уплатено зимување во Банско од 20 до 23 јануари. Бугарија ги смени правилата за влез и покрај вакцините бараа и ПЦР тест, па затоа го направив тестот. Излезе позитивен и многу ме зачуди, не очекував затоа што немам симптоми, никој дома не е позитивен, па затоа следниот ден направив уште еден тест. Вториот тест излезе негативен, но без разлика на тоа, откако го добив решението останав дома, не заминав во Банско“, објасни градоначалникот Пецаков за порталот.
Пецаков двата теста ги направил во иста лабораторија.
Преку Фејсбук се објаснуваше и секретарот на Општина Охрид, Александар Китески, кој од некои медиуми беше посочен дека по настанот, бил позитивен, а повеќе други луѓе, исплашени за своето здравје, отишле да се тестираат.
Китески го сподели својот негативен тест од вчера (21.01.2022) и напиша:
-Со оглед на тоа што во одредени портали бев спомнат дека неофицијално сум бил позитивен на COVID-19, еве официјално да пренесам дека сум здрав, жив и постпразнично расположен, пишува Китески.
На одбележувањето на Водици се гледа присуството на градоначалникот Пецаков во друштво со други луѓе, негово поздравување и гушкање. Пецаков е без маска на отворено, но и на средбите во затворени простории.