Сертификати има, кај се редарите да ги проверуваат – во кафеани и молови влезот е слободен – ММС
ММС

Објавено на: 01/21/22 3:00 PM

Сертификати има, кај се редарите да ги проверуваат – во кафеани и молови влезот е слободен

„Добар ден“, му велам на човекот при влез во трговски центар, фаќајќи се за телефонот за да му го покажам ковид сертификатот за примена вакцина. „Добар ден, ајде, ајде влези, нема проблем“, ми враќа, воопшто не погледнувајќи во телефонот и продолжува да си прави муабет со некој пријател. Како што посочува за ММС скопјанката Т.П, ова и се случило неколку пати во последните денови.

Таа додава дека, малку зачудено влегла во молот и веднаш му се јавила на пријател да му каже ако сака да дојде со неа, иако нема сертификат, затоа што никој не проверува. А, и одговорил: „Знам, јас вчера така без проблем влегов во мол да пазарам.

Граѓаните се прашуваат, што стана со примена на мерката за задолжително покажување на сертификат и дозволен влез само на вакцинирани или прележани од ковид. Ако на почетокот кога се воведе ги испразни моловите, угостителските објекти, клубовите, казината, обложувалниците… постепено како да падна во заборав, особено за време на новогодишните празници.

Деновиве пред ретко кој скопски мол стои човек на влезот за да контролира за поседување на ковид сертификат. А, и ако стои, не ни погледнува во документот без разлика дали е пресликан во телефонот или е на хартија. Истото важи и за кафаните и кафулињата низ Скопје кои за новогодишните празници работеа „лабаво“ и „турбо“, преполни со гости, а при тоа никој на влезот не им бараше ковид документ, што трае и деновиве.

„На луѓето им е преку глава од мерки. Сакаат да се дружат, да се напијат кафе со пријател, да ручаат…А, нам ни е секако важна и заработката“, вели за ММС сопственик на една скопска кафеана, каде не се бара ковид сертификат, ниту од вработени ниту од редар.

Владата на 18 август лани ја донесе мерката според која во угостителските објекти, кафулињата, баровите, обложувалниците и моловите можат да влезат полнолетни лица, само вакцинирани, или кои  прележале ковид-19. При тоа мора да покажат сертификат/потврда за примена најмалку прва доза вакцина или за прележан ковид во последните 45 дена. Секаде каде што капацитетот е поголем од 30 лица, задолжителна е редарска служба за да ги контролира лицата при влез. А, во угостителските објекти со капацитет помал од 30 лица контролата е должност на редовно вработените лица.

Контролите како се спроведува оваа мерка се на МВР, ДПИ и УЈП кои изрекуваат казни од 250 евра по лице, до 2.500, и 30.000 евра за угостителскиот објект, зависно од големината на објектот, плус 1.500 евра за одговорното лице.

Од МВР за ММС велат дека, во периодот од 03.12.2021 година заклучно со 15.01.2022, на барање на ДПИ, полицијата асистирала во девет акциски контроли во Битола, Тетово, Охрид и Скопје, а во повеќе угостителски објекти во овие градови.  Притоа, откриени се 11 лица со фалсификувани – лажни – сертификати, како и 64 лица кои што воопшто немале сертификат. Проверката при влез во објектите е за задолжително поседување, приложување и проверка на еден од следните документи: сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот SARS-CoV-2 која ја врши редарска служба ангажирана од страна на правниот субјект. „Ангажираните редари вработени во лиценцираните агенции за обезбедување имаат овластување за легитимирање, а доколку вработените се посомневаат во можна злоупотреба на сертификатот можат да повикаат инспектори, кои во содејство со полициски службеници ќе извршат контрола на лице место. Во тој контекст, само во еден случај при полициска асистенција во угостителски објект во Скопје биле затекнати три лица кои вршеле обезбедување во објектот, но биле без соодветна лиценца за вршење на таа дејност“, објаснија од МВР за ММС.

Маја Томиќ