Натоварени возила со огревно дрва открила полицијата, едното било превртено и напуштено – ММС
ММС

Објавено на: 01/21/22 1:13 PM

Натоварени возила со огревно дрва открила полицијата, едното било превртено и напуштено

Не престануваат кражбите на огревни дрва. Дрвата неконтролирано се сечат, без одобрение, се пренесуваат до одредени дестинации и се продаваат без соодветна документација. Најчесто се товарат стари возила без регистарски таблички. Крадците веќе имаат добро разработена шема, па и при секоја потенцијална опасност, ги напуштаат возилата, за да не може лесно да им се влезе во трага. Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници откриле две такви возила, едното во штипско другото во виничко.

„На 20.01.2022 во 14.00 часот полициски службеници од полициската станица Штип, на патот с.Шашаварлија-Штип, затекнале превртено патничко возило „застава“, без регистарски ознаки, кое било натоварено со огревни дрва без соодветна документација. Возилото со огревните дрва биле одземени и предадени на Шумска полиција за понатамошна постапка,“ информираат од Полицијата.

Откриено е уште едно возило, во овој случај фатен е и возачот.

„На 20.01.2022 полициски службеници од ОВР Кочани во содејство со Шумска полиција Кочани, при контрола на патничко возило „исузу“, со винички регистарски ознаки, управувано од Е.А.(30) од Виница, пронашле огревни дрва  без соодветна документација,“ се вели во информацијата.

Од страна на Шумска полиција, дрвата и возилото биле одземени за понатамошна постапка.