Со пари од Владата БЕГ за 39 милиони евра купи мазут за да ги стопли скопјани – ММС
ММС

Објавено на: 01/21/22 9:33 AM

Со пари од Владата БЕГ за 39 милиони евра купи мазут за да ги стопли скопјани

Преку рамковна спогодба Балкан енерџи груп (БЕГ) склучи договор со  фирмата на бизнисменот Ратко Капушевски –  РКМ ДООЕЛ Скопје за набавка на 52,1 милион килограми мазут во вредност од 39,2 милиони евра. Фирмата на Капушевски е единствената која дала понуда и која понудила мазут по цена од 39,26 денари за литар.

Во склучениот договор пишува дека снабдувањето со мазут ќе се одвива во периодот од јануари до април по договорената цена. Компанијата РКМ горивото ќе испорачува со автоцистерни со вграден систем за  далечинско следење. Испораката ќе се одвива од понеделник до петок, секој ден по 300 МТ.

Владата на вчерашната седница одлучи го одобри текстот на Договор за деловно – техничка соработка со кој се регулираат меѓусебните права на Производство на топлина Балкан Енерџи (БЕГ) и Електрани на Северна Македонија (АД ЕСМ).

-Согласно овој договор БЕГ ќе го стави на увид на АД ЕСМ целокупното свое деловно работење до денот на склучување на овој договор, а од денот на склучување на овој Договор ќе му даде согласност на АД ЕСМ да управува со сите деловни активности на БЕГ, со сите трансакциски сметки, како и со наменската сметка која што БЕГ ќе ја отвори исклучиво за потребите на овој Договор за деловно техничка соработка.

На денешната седница Владата ја донесе и Одлуката за одобрување финансиски средства за справување со кризната состојба во снабдување со електрична енергија, со која се одобруваат финансиски средства во износ од 615 милиони денари на АД Електрани на Северна Македонија, во државна сопственост, Скопје. Овие средства АД Електрани на Северна Македонија, во државна сопственост, Скопје, ќе ги користи исклучиво за реализација на мерките за обезбедување на дополнителни количини на електрична енергија за зголемување на производството на електрична енергија и за обезбедување мазут и други потребни средства и услови за продолжување со производството на електрична енергија од страна на ТЕЦ Неготино, заради справување со кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија, соопшти Владата.