Квалитетот на горивата ќе се прави за два часа во новата лабораторија – ММС
ММС

Објавено на: 01/20/22 1:45 PM

Квалитетот на горивата ќе се прави за два часа во новата лабораторија

За проверка на квалитетот на течните горива во земјава отсега ќе бидат потребни два часа наместо досегашните три дена, а испитувањата ќе се прават во новата лабораторија на Бирото за метрологија. Таа е опремена со автоматизирана опрема со седум мерни инструменти и екипирана е со стручен кадар обучен за тестирање на повеќе од 10 параметри на мазутот. Опремувањето чини 24 милиони денари.
„Времето ќе се скрати до два часа што ќе значи дека и економските оператори кои работат со промет на нафтени деривати побрзо ќе ги завршуваат работите и нема да чекаат на граничните премини“, изјави министерот за економија Крешник Бектеши.

Од Министерството за економија и од Пазарниот инспекторат уверуваат дека нафтените деривати што се пуштени во промет во земјава се согласно прописите.Тврдат дека цистерите во кои пред повеќе од година беше утврдено дека има надминување на параметрите за вода и пепел не се влезени во земјава, а вратен е и сомнителниот мазут.
„Се што е пронајдено во складовите и при царината со несоодветен квалитет, не е пуштено во внатрешен проблем“, истакна директорката на Пазарниот инспекторат Анета Симеска Димоска.
За компанијата „Евротим“ информира дека има добиено решение за забрана за вршење на промет, односно користење на мазутот со несоодветен квалитет, а преку посебна процедура, е извезен мазутот до фирмата од која е увезен.

Од јуни лани направени се над 15 контроли на бензински пумпи низ државата и анализите покажале дека квалитетот на бензинот и дезелот се во рамки на дозволените параметри.
Од Бирото за метрологија, каде функционира новата лабораторија, најавуваат дека во најскоро време ќе почнат и со постапка за проширување на акредитацијата.

„Бирото за метрологија во најскоро време отпочнува со постапка за проширување на акредитацијата во делот на тестирање на мазут, па заедно со мобилната лабораторија ќе може да пружи комплетна услуга-тестирање на повеќе од 25 карактеристики, односно параметри на нафтата и нафтените деривати, посочи директорката на Бирото“, Мерита Мустафаи.

МИА