Годинава ќе има 52 милиони помалку работни места во светот, двојно повеќе од очекуваното, оцени МОТ – ММС
ММС

Објавено на: 01/20/22 12:16 PM

Годинава ќе има 52 милиони помалку работни места во светот, двојно повеќе од очекуваното, оцени МОТ

Закрепнувањето на глобалниот пазар на труд ќе потрае подолго од очекуваното, а невработеноста ќе остане над нивото пред пандемијата, барем до 2023 година, проценува Меѓународната организација на трудот (МОТ). Според МОТ, ќе има околу 52 милиони помалку работни места во 2022 година, отколку пред пандемијата, што е приближно двојно повеќе од прогнозите во јуни минатата година. Околу 207 милиони луѓе ќе бидат невработени оваа година, а влијанието на пандемијата ќе биде многу поизразено бидејќи многу луѓе ја напуштиле работата.

„Прекините на работа ќе продолжат и во 2023 година, кога загубите на работни места ќе се намалат на околу 27 милиони, се вели во извештајот на МОТ објавен во понеделникот, предупредувајќи на „бавно и неизвесно“ закрепнување. „Изгледите за глобалниот пазар на трудот се влошија по најновите проекции. Враќањето на нивоата пред пандемијата веројатно ќе остане неостварливо за поголемиот дел од светот во наредните години“, заклучи МОТ.

Генералниот директор на МОТ, Гај Рајдер, рече дека проценките се променети поради голем број фактори, а „примарно е продолжението на пандемијата од корона вирусот и неговите варијанти, особено омикрон“. Брзината на закрепнување варира од регион до регион, а индикациите за закрепнување се најохрабрувачки во европските и северноамериканските региони, додека Југоисточна Азија и Јужна Америка заостануваат.

Во групата на невработени има голем број жени, често поради тоа што биле принудени на неплатена работа дома, подучување на децата поради затворање на училишта во пандемија или грижа за болни членови на семејството. „Жените не се враќаат на работа во апсолутен или релативен број како мажите, што предизвикува стравувања дека влијанието на „долготрајниот ковид“ врз вработувањето кога станува збор за полот, ќе биде негативно“, рече Рајдер.

извор: SEEbiz.eu