Македонскиот премиер Димитар Ковачевски на крајот од прес конференцијата со својот колега Кирил Петков, доби подарок црвено јаболко од бугарската новинарка и му се заблагодари за тоа што ќе го сочувал единството меѓу Бугарија и Македонија.
„Господине Ковачевски, дозволете ми да ви подарам здрава, бугарска црвена јаболка во знак на благодарност за тоа дека вие ќе го запазите нашето единство меѓу Бугарија и Македонија“, истакна соговорничката.
Таа не потенцираше според каква симболика го прави гестот, но подарувањето на јаболко има двосмислено значење, зависи од кое верување или традиција се црпи симболиката. Јаболкото е симбол речиси на сите култури, има митолошко и религиозно значење и често се појавува како мистичен или забранет плод.
Во христијанството постои спротивставен став за јаболкото како симбол. Јаболкото е симбол на знаење и на бесмртност, како и на грев и на сексуалност, но и симбол на новиот човек и искупувањето.
Во кинеската традиција јаболкото е симбол на мирот и се подарува кога се потпишува примирје, па бугарската новинарка можеби се водела според оваа симболика кога го подари јаболкото.
А, пред овој гест, премиерот Кирил Петков не одговори конкретно на прашањето во која држава се наоѓа и на кој јазик се зборува во неа, туку само посочи дека јазикот е дефиниран во Договорот за добрососедство.
– Ќе обрнеме внимание на работите кои не зближуваат, а не на тоа што не оддалечува. Ние сме многу горди што ја признавме независноста на Северна Македонија и истовремено со тоа го почитуваме самоопределувањето на сите граѓани и користењето на сите ваши јазици како што се во Уставот. Имаме полно почитување за тоа – истакна Кирил Петков.
За разлика од него, Ковачевски рече дека ние сме призната држава со признат македонски јазик кој е дел од Повелбата на ООН.
О.К.