Лазаров: Полека ми се разјаснува сликата на кои ракометари ќе сметаме во иднина – ММС
ММС

Објавено на: 01/17/22 10:49 PM

Лазаров: Полека ми се разјаснува сликата на кои ракометари ќе сметаме во иднина

Македонската ракометна репрезентација вечерва во Дебрецин загуби од фаворитот Данска со 21:31. За избраниците на селекторот Кирил Лазаров ова беше трет пораз на исто толку натпревари во А-групата од Европското првенство во Унгарија и Словачка.

Селекторот на македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров, по вечерашниот пораз од Данска, рече дека неговите избраници немале никакви шанси за да се спротивстават на големиот фаворит.

– Невозможна мисија беше да пружиме поголем отпор. Младите кои треба да бидат нашата иднина добија одредена минутажа, а ние во стручниот штаб треба од сето видено да ги најдеме тие 16-20 играчи кои би и служеле на Македонија во наредните десетина година. Полека ни се разјаснува сликата на кого и во која насока ќе сметаме во иднина. Данската селекција е машинерија. Јас пробував, менував, но толку ни беа силите. Во нашата група имавме силни противници, а тоа денес го покажа Црна Гора со победата над Словенија. Ова ЕП ќе го сфатиме како едно позитивно искуство кое треба да ни користи. Не можам ништо да им замерам на играчите. Некогаш не може да се оди против проблемите. Не вреди да се жалиме. Одиме понатаму, треба добро да се анализира и да се одбере тимот за следните големи предизвици. Поддршката од нашите навивачи е вистинско богатство, истакна Лазаров.

Најефикасен во македонскиот состав вечерва беше Жарко Пешевски со шест голови.

Данска како првопласирана со максимални три победи оди во следната фаза, исто како и второпласираната Црна Гора (две победи и еден пораз), Словенија е трета со една победа и два пораза, додека македонската селекција е последна без ниту еден освоен бод.