Во ноември издадени одобренија за градење за 400 отсто повеќе, најмногу станови ќе се градат во Скопје, 953, објави ДЗС – ММС
ММС

Објавено на: 01/17/22 3:27 PM

Во ноември издадени одобренија за градење за 400 отсто повеќе, најмногу станови ќе се градат во Скопје, 953, објави ДЗС

Во ноември 2021 година биле издадени 406 одобренија за градење, што е за 95.2 отсто повеќе во однос на истиот месец од претходната година, објави Државниот завод за статистика (ДЗС). Според издадените одобренија, предвидената вредност на објектите изнесува 9.580.435 илјади денари, што е за 398.5 отсто повеќе во однос на истиот месец од 2020.
Во извештајниот период е предвидена изградба на 1.284 станови, со вкупна корисна површина од 100.799 квадратни метри.

Најмногу одобренија се издадени за градење во скопскиот регион, 137, од кои на физички лица 73. При тоа, предвидениот број на станови во Скопје бил 953, од кои најмногу во Аеродром, 598.
„Зголемената предвидена вредност се должи на фактот дека во наведениот период е издадено одобрение за градење на објект од нискоградбата со поголема вредност, поточно ветерна електрана во Југоисточниот регион“, објави ДЗС.
Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 248 (61.1 отсто) се наменети за објекти од високоградба, 43 (10.6 отсто) за објекти од нискоградба и 115 (28.3 отсто) за објекти за реконструкција.
Од вкупно 406 објекти, на 235 (57.9 отсто) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 171 (42.1 отсто) објект инвеститори се деловни субјекти.