Зоран Заев денеска ќе ја предаде функцијата на новоизбраниот премиер Димитар Ковачевски, чија влада синоќа беше избрана со 62 гласа на пратениците. Од владиното мнозинство од 64 пратеници, двајца не гласаа за новиот состав. За владата не гласаа Лорита Ристова, пратеничка од Неготино од СДСМ, од здравствени причини и Изет Миџити од ДУИ, кој најави дека нема да ја поддржи владата.
Ковачевски ќе има четворица заменици, Артан Груби (ДУИ) – прв вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Славица Грковска (СДСМ) – вицепремиер за борба против корупција и криминал, Бојан Маричиќ (СДСМ) – вицепремиер за европски прашања и Фатмир Битиќи (СДСМ) – вицепремиерот за економски прашања.
За членови на Владата се избрани: Оливер Спасовски (СДСМ) – министер за внатрешни работи, Славјанка Петровска (СДСМ) – министерка за одбрана, Никола Тупанчевски (предложен од СДСМ) – министер за правда, Благој Бочварски (СДСМ) – министер за транспорт и врски, Љупчо Николовски (СДСМ) – министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Јована Тренчевска (СДСМ) – министерка за труд и социјална политика и Бисера Костадиновска Стојчевска (СДСМ) – министерка за култура, Горан Милевски (ЛДП) – министер за локална самоуправа, Беким Сали од Алтернатива – министер за здравство, Јетон Шаќири (ДУИ) – министер за образование и наука, Бујар Османи (ДУИ) – министер за надворешни работи, Фатмир Бесими (ДУИ) – министер за финансии, Крешник Бектеши (ДУИ) – министер за економија, Насер Нуредини (ДУИ) – министер за животна средина, Адмирим Алити од Алтернатива, министер за информатичко општество и администрација и Џемаил Чупи од Алтернатива – министер без ресор задолжен за дијаспората.
Во експозето пред пратениците Ковачевски рече дека фокусот на владината програма е на граѓаните, економијата и на справување со последиците од пандемијата и енергетската криза. Тој посочи дека не се потребни нови избори, најавувајќи зголемување на пензиите и раст на минималната и просечната плата, како и реформи во образованието. Говорејќи за спорот со Бугарија, Ковачевски рече дека разговорите ќе продолжат и ќе бидат интензивирани без да биде загрозен идентитетот на народот.
Новиот владин кабинет има еден член повеќе од досегашниот и тоа министер без ресор, место што по формирањето на новото парламентарно мнозинство и припадна на Алтернатива.
фото:МИА