Туристите на Попова Шапка до 15 часот на ски патеките, останиот дел од денот во автомобилите заглавени во метежот. Скијачкиот центар Попова Шапка поради преголемите гужви, односно сообраќајниот хаос во попладневните часови беше блокиран во викенд населбата, околу хотелите, како и патот кој води кон Тетово.
-Па после скијање тргнавме кон дома околу 15 30 минути, но во принцип не тргнавме. Автомобилот ни стоеше во место неколку часа заглавен. Помисливме дека имало некоја сообраќајка подолу, но потоа се испостави дека не станува збор за сообраќајка, туку големиот број возила кои пристигнаа на Попова Шапка, а немаа каде да се паркираа го блокираа цел центар. Тие беа паркирани и долж патот Тетово – Попова Шапка и така возилата паркирани ја стеснуваа сообраќајната лента и се создаваше уште поголем хаос. Денес имаше многу посетители поради недела неработен ден, но и убавото време. Само да дополнам тргнавме после 13, а дома стигнавме после 19 часот. Значи за 20 километри пат патувавме 4 часа, вели еден посетител на Попова Шапка.
Некои пак воопшто не одлучиле да појдат, кога ги виделе огромните гужви.
-Кога го видовме хаосот низ викенд населбата и околу хотелите и кога видовме дека возилата се заглавени и повеќе од еден час, одлучивме да седнеме до поблискиот хотел, да се стабилизира работата во сообраќајот, па да тргнеме. Но поминаа повеќе од 2 часа, а возилата се уште беа заглавени. По 3 часа, малку започна движење на возилата, па решивме и ние со семејството да тргнемо со автомобилот, додава друг турист.
За денешната настаната ситуација на скијачкиот центар Попова Шапка се огласи и градоначалникот на Тетово, Билал Касами кој вели дека е загрижен поради сообраќајниот хаос во Попова Шапка, особено за време на викендите, немањето паркинзи.
„Ве известувам дека како градоначалник на Тетово, заедно со мојот тим, ќе се залагаме да ги направиме сите дејствија во рамките на институцијата што ја водам за решавање на овој проблем. Во рамките на решавање на овие проблеми е предвидена и реконструкција на градската жичарница, нашиот симбол „Тетово – Попова Шапка“. Затоа ги повикувам на соработка институциите на централната власт, граѓанскиот сектор и другите за правилно изготвување на деталниот урбанистички план“, вели Касами, кој додаде дека како дел од планот за 2022 година е предвидена и изградба на една катна паркиг гаража во Попова Шапка со што би имале над 900 паркинг места.
Текст, фото и видео: Зоран Димовски
Фото: Kodra e Diellit Freeriders Popova Sapka Freeriders/ Facebook