Лица и возила поврзани со „Беса Транс“ без лиценца вршеле превоз на патници и организирале екскурзии – ММС
ММС

Објавено на: 01/15/22 5:59 PM

Лица и возила поврзани со „Беса Транс“ без лиценца вршеле превоз на патници и организирале екскурзии

Инспекторатот на Град Скопје во текот на денешниот ден изврши вонреден надзор на терен преку контроли на автобусите и комбињата кои вршат превоз на патници, при што е изречена казна за фирмата под назив “Друштво за транспорт трговија и услуги Ројал Травел ДООЕЛ увоз-извоз Скопје” и за истата фирма ќе биде поднесена пријава до надлежните институции, соопштуваат од Град Скопје.

Извршен е инспекциски надзор на три автобуси и две комбиња, при што е утврдено дека комбе со назив на фирмата “Ројал Травел ДООЕЛ” вршело превоз на патници од и кон Скопје и екскурзии, без притоа да има лиценца за туристичка агенција и превоз на патници, како и за организирање на екскурзии со туристички водич, од Министерството за економија што е задолжително согласно законот за туристичка дејност, а не поседува ни дозвола од Министерството за транспорт и врски.

Фирмата “Ројал Травел ДООЕЛ” под која што е регистрирано комбето е основана на 28 декември 2021 година, а според информациите кои беа пласирани во медиумите деновиве, станува збор за лица и возила поврзани со “Беса Транс”, на која фирма и беа одземени лиценцата за вршење на внатрешен слободен и посебен линиски превоз на патници и лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз на патници од страна на Министерството за транспорт и врски, откако претходно беа констатирани нерегуларности во работењето, неспроведување на законите и законските обврски коишто таа како фирма е должна да ги почитува.

Градот Скопје континуирано спроведува теренски контроли, со цел законите кои што се пропишани за оваа дејност да бидат почитувани и имплементирани во секојдневното функционирање на фирмите кои што работат со јавен превоз, а со тоа и да се овозможи квалитетно и одговорно вршење на дејноста од страна на превозниците и заштита на безбедноста на граѓаните. Соодветни пријави ќе бидат поднесени до надлежните институции за постапување, стои во соопштението.