Ќе возиме на погон на стара гарда или Кире ќе им даде шанса на помладите? – Македонија против Словенија го игра најважниот меч на ЕП 2022 – ММС
ММС

Објавено на: 01/13/22 11:58 AM

Ќе возиме на погон на стара гарда или Кире ќе им даде шанса на помладите? – Македонија против Словенија го игра најважниот меч на ЕП 2022

Тоа што селекторот-играч Кирил Лазаров не настапуваше на контролните натпревари пред Еуро 2022, можеби е скриен адут пред премиерниот настап на машката ракометна репрезентација вечерва од 18 часот против Словенија.

Селекторот Лазаров не потврди дека ќе игра, но најави дека овој дуел е најважен во борбата за пласман на второто место. Сепак тој не сака да им направи дополнителен притисок на младите ракометари затоа што сепак ова е репрезентација што воигрува за следните десетина години.

– Ние имаме желба да одиме во вториот круг. Тоа би било голем успех, не затоа што не заслужуваме да бидеме таму, туку затоа што на жрепката добивме силни противници. Сепак сме во транзиција, потребно е време и мораме да бидеме трпеливи. Градиме репрезентација за следните десетина година. Не сакам да ги оптоварувам моите играчи со дополнителен притисок, рече Лазаров.

Бившиот репрезентативец Горан Ѓоргоноски кој сега предводи ракометна школа, во емисијата „Стадион“ на Радио Канал77 рече дека овој национален тим има голем потенцијал и дека, познавајќи го Кире, тој не би влегол во оваа приказна ако не го увидел тоа претходно.

– Ја слушнав изјавата на Кире. Навидум е селектирана млада екипа, најмногу од 96-та година, но тоа не се така млади ракометари, тие се во зрели години. Сега сме во ситуација дали да им се даде комплетна шанса на младите или ќе возиме на погон на стара гарда. Колку ќе користиме играчи кои се етаблирани во ракометот.  Имаме два проблеми, транзицијата и одбраната. Да најдеме играчи кои ќе играат во одбрана и може да ги користиме во напад. Тоа е равенка која треба да ја решат. Тоа што не настапуваше Кире на овие натпревари, не е показател дали ќе го користиме, туку колку ќе го користиме. Тешко веројатно е тоа, Кире е најдобар играч иако е најстар.  Словенија е исклучително важен натпревар, тежок психички особено за младите. Потоа ни иде Црна Гора која може да ја добиеме без искусните. Сега е важно да ја добиеме Словенија – истакна Ѓоргоноски.

Ракометната легенда Пепи Манасков смета дека оваа репрезентација е добар спој на искуство и младост. Тој очекува Македонија да напредува една скала погоре и да експлодира некој од младите ракометари.

– Крилните позиции ни се млади, но задната линија е искусна, пред нив е предизвик оти тие имаат поминато Европско и Светско првенство. Веќе се во првата постава, очекувам на ова ЕП да покажат квалитет со една скала погоре.

Што би му сугерирал на Кире? Има уште неколку играчи кои заслужуваат да бидат дел од селекција, но одлуката е негова. И тој ќе си ја сноси одговорноста и колку тие ќе дадат придонес за селекцијата. Ме радува што за првпат Македонија направи еден стручен штаб да личи. Кире е тренер и играч. Видов дека не се обидуваше да игра, јас искрено не очекувам да игра според мене – коментира Манасков.

Селекторот на Словенија, Љубомир Врањеш очекува тежок натпревар со македонската репрезентација на стартот на Европското ракометно првенство.

– Во последната година напредуваа. Со нетрпение го очекуваме натпреварот, знаеме дека ќе биде тежок, Македонците се силни во одбраната, имаат добар голман, а во нападот го имаат Кирил Лазаров, еден од најопасните и најстарите играчи на ЕП. Знаеме и некои нивни слабости, изјави Врањеш.

Ракометната репрезентација на Македонија досега учествувала на вкупно шест Европски првенства и тоа во Италија (1998), Србија (2012), Данска (2014), Полска (2016), Хрватска (2018) и Австрија, Норвешка, Шведска (2020).

Најдобриот пласман нашата селекција го има на Европското првенство во Србија во 2012 година, каде што завршува на петтото место од вкупно 16 селекции. Десетто место освојува на ЕП во 2014 година во Данска, покрај 16 селекции. Во 2016 во Полска завршува едно место подолу од 2014, 11. место е освоено и во Хрватска во 2018 година, за во 2020 година да го одбележи најслабиот пласман – 15. место.

Орце Костов

фото: sport.de/EHFEuro