Вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров на последниот ден од неговиот мандат како владин функционер истакна дека не се повлекол сам од функцијата и дека нема да биде дел од новата влада затоа што има поцврсти ставови во однос на прашањето со Бугарија.
-Сакам да демантирам дека самиот сум се повлекол. Тоа не е точно. Јас не сум човек што се повлекува од битки. Не се повлеков затоа што чувствувам одговорност и сметам дека позициите што ги застапувам во процесот на преговори со Бугарија се исправни и важно е да се одржат. Имав сериозна битка внатре особено во последната година во однос и на дефинирањето на националните позиции, значи за самата суштина на маката, ама и на стратегијата, односно на текот на самите преговори. Битката кулминираше во два наврати во Брисел и во Скопје кога јасно кажав дека нема да дозволам да се поминат поставените граници по било која цена – рече Димитров.
На средбата со новинарите тој рече дека нема целосна доверба во министерот за надворешни работи, Бујар Османи во однос на прашањето со Бугарија затоа што тој сакал успех по секоја цена.
– Да, немам целосна доверба во министерот во однос на прашањето со Софија со оглед на моето искуство на интерните координации и на средбите во Брисел. Имам чувство дека таму се сака успех по секоја цена што е опасно и непродуктивно. Се надевам дека грешам – додаде Димитров.
Тој нагласува дека затоа заедно со фактот што за неговите позиции немало простор во идната влада, не го изненадила и понудата да биде амбасадор во Вашингтон.
-Кога го одбив Вашингтон, попат добив и друга понуда, да бидам амбасадор можеби во друга земја. Па, дури можеби и да изберам. Сфатив дека очигледно нечиј влог за да не бидам дома, а со тоа и да ослабат гласовите кои се на линијата во преговорите за коишто јас се борам е голем. Интересот да ме нема инаку не е само домашен. Знаете дека многумина кај соседот ќе бидат еднакво среќни да се ослободат како ме нарекоа вирус поопасен од ковид. Но, како што кажав и тогаш против вирусот на идеалите и принципите нема вакцина и токму овој обид да го нема мојот глас дома го прави мојот влог, мојот мотив да останам уште повеќе, рече Димитров.
Вицепремиерот вети дека будно ќе го следи процесот на преговори и целосно ќе се бори против лошо решение, а ќе поддржи достоинствено и европско решение.
-Јас така функционирам, за нештата што ви се важни и во личниот живот и во политиката нема попуштање. Ова прашање е мојата лична животна мисија. Апсолутна почит за македонскиот јазик како еднаков на сите европски јазици и европска интеграција потпрена на вистински европски столбови и критериумите – на Копенхашките критериуми, рече вицепремиерот на, како што напомена, последната прес-конференција како владин функционер.