Според анализите на Институтот за јавно здравје, во период од една седмица за 51 процент е зголемен бројот на позитивни од тестирани на SARS-CoV-2. Регистрирани се заболени лица од сите возрасни групи, соопшти денеска Министерството за здравство. Најзастапени се возрасните групи од 30-39 (27 проценти), од 20-29 (24 проценти) и од 40-49 (17 проценти). Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9 (2 процента). Најголемо зголемување на заболени е кај возрасната група од 20-29 години како и од 30-39 години.
Од 3 до 9 јануари пријавени се 946 реинфекции, со зголемување од седум пати во однос на претходната недела. Во ИЈЗ, 5 јануари до 10 јануари направено е секвенционирање на вкупно 152 позитивни примероци на SARS-CoV-2, а во 104 од нив (68 проценти) е детектирана Омикрон варијантата.
Омикрон варијантата е откриена во 12 градови и тоа: Скопје – 48, Охрид – 27, Кочани – седум, Тетово – шест, Велес – пет, Пехчево, Штип, Гевгелија, Кавадарци по два и Виница, Неготино, Битола по еден заразен.
На територија на цела држава се хоспитализирани 351 лице, што е 41 процент повеќе во споредба со претходна недела. Од нив, најмногу, 156, се во Скопје на КИБФС, ТБЦ и ГОБ 8 Септември.
„Зголемен е бројот на дневни прегледи во инфективните одделенија низ болниците, бројот на прегледи на дневно ниво понекогаш во Скопје надминува 100 пациенти. Според епидемилошките анкети најголем дел од пациентите имале контакт со позитивен случај три дена пред почетокот на симптоми/добивање на позитивен резултат“, соопштуваат од Министерството за здравство и апелираат граѓаните кои чуствуваат какви било симптоми, да направат тест и да се изолираат за да спречат ширење на вирусот.