37-годишниот Ли Џингвеи, кој живее во провинцијата Хенан во Кина, го пронашол своето вистинско семејство многу години подоцна, благодарение на мапата што ја нацртал по сеќавање од времето кога бил киднапиран за да биде продаден на друго семејство како дете, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според веста на „Чајна дејли“, кинеската полиција истражувајќи ја мапата и другите индиции што Џингвеи ги сподели на социјалните мрежи на 15 декември 2021 година, утврди дека селото од каде што бил киднапиран се наоѓа во областа Џаотонг во провинцијата Јунан, на југозапад од земјата.
Полицијата ги пронајде трагите на семејството на Ли во областа Џоукоу, во провинцијата Хенан , каде што живеат денес. По ДНК-анализата, утврдено е дека Ли е најстариот син на семејството, кој бил киднапиран пред 33 години.
Таткото на Ли веќе не е меѓу живите, но тој се сретна со мајка си, братот и сестрата многу години подоцна. На емотивната средба, мајката на Ли го прегрна својот син и нагласи: „Не мислев дека ќе те видам повторно.“
Однесен е на 1.600 километри од неговото село
Ли бил киднапиран од неговото село во областа Џаотонг во провинцијата Јунан во 1989 година и одведен во областа Џоукоу , во провинцијата Хенан оддалечена 1.600 километри.
Сеќавајќи се дека бил киднапиран од ќелав сосед, Ли рече дека со години се обидувал да го нацрта на хартија она на што се сеќавал од неговото село.
Охрабрен од веста дека киднапираните деца во последните месеци ги наоѓале своите семејства многу години подоцна на социјалните мрежи, Ли на социјалните мрежи сподели рачно нацртана мапа.
Мапата го прикажува селото во општа смисла, куќите, училишната зграда, бамбусовата шума и малото езерце. Тоа одигра клучна улога во решавањето на случајот.
Кинеското Министерство за јавна безбедност ги засили своите напори за справување со киднапирањата на деца што биле вообичаени во руралните области на земјата во минатото.
Во истрагите спроведени од почетокот на 2021 година, решени се 290 случаи на киднапирање деца и пронајдени се 8.307 исчезнати деца.
извор-Агенција Анадолија