Во Македонија и во 21 век се уште перат на раце, гледаат црно-бел телевизор и метат со метла – ММС
ММС

Објавено на: 01/19/22 11:20 AM

Во Македонија и во 21 век се уште перат на раце, гледаат црно-бел телевизор и метат со метла

Македонските домаќинства и во 21 век оскудни за основни трајни добра.  Дури 23.247 домаќинства во земјава немаат машина за перење на алишта, па се принудени да перат на рака. Исто толку немаат ниту телевизор во боја, а дури 49.329 домаќинки немаат ниту правосмукалка, па мораат да метат со метла.

Ова го покажуваат податоците на Државниот завод за статистика во Статистичкиот годишник која ја прикажува снабденоста на домаќинствата со добра во 2020 година.

Податоците покажуваат дека од 567 007 домаќинства во земјава по 4,1 процент од нив немаат машина за перење и телевизор, а 8,7 проценти од домаќинствата немаат правосмукалка.

Бројките покажуваат и дека електричен шпорет, пак, не поседуваат 7,2 проценти или вкупно 40.824 домаќинства, бојлер, пак, немаат 2,3 проценти или 13.041 домаќинства во земјава, па мораат да се капат греејќи вода. Фрижидер не поседуваат 4.546 домаќинства, а 4,2 проценти или 23.814 домаќински немаат ниту пегла.

Дури 6.804 семејства гледаат телевизија на црно-бел телевизор, а дури 36,7 проценти или вкупно 208.091 домаќинство во земјава немаат компјутер со интернет-покажува статистиката.

Во Македонија 45.927 семејства, пак, немаат мобилен телефон, а дури 227.936 домаќинства или 40,2 проценти од вкупниот број немаат автомобил.

(А.С.)