За пет години лебот поскапел за 5, свинското месо за 100 денари – Поскапувало и без пандемија, а платите стојат – ММС
ММС

Објавено на: 01/12/22 10:30 AM

За пет години лебот поскапел за 5, свинското месо за 100 денари – Поскапувало и без пандемија, а платите стојат

За пет години од 2016 до 2020 година живеачката на граѓаните била се поскапа. Така лебот имал за 5 денари повсока цена, свинското месо сме го плаќале за речиси 100 денари повеќе, покажува статистиката на цените на мало на основните прехранбени продукти во статистичкиот годишник на Државнио завод за статистика.

Иако  објавен на крајот на 2021 година кога цените на основните прехранбени продукти драстично скокнаа, сепак, цените се заклучно со 2020 година и покажуваат дека раст имало и претходните години. Додека, пак, галопирачки раст на цените на основните прехранбени продукти за 2021 година кога светот а и земјава се соочуваше со високи стапки на инфлација, статистика ќе прикаже годинава. Статистика измерила дека периодот од 2016 до 2020 година цените на мало се покачени за 6,4 проценти. А само за периодот 2017-2020 години трошоците на живот биле повисоки за 4,9 проценти.

Така во 2016 година леб од пченкарно брашно чинел 48,11 денари за килограм, а во 2020 година неговата цена била 53,33 денари. Свинското месо со коска било 240,90 денари, а во 2020 година се продавало во просек за 331,47 денари или за околу 90 денари повеќе. Потоа цената на пилешкиот стек скокнала од 258,71 денари на 280, 09 денари или над 20 денари повеќе.

Сув свински врат во 2016 година чинел 348,14 денари, а 2020 година 384,91 денар, додека, пак, цената на сланината исто се покачила за над 90 денари- била 335,43 денари, а во 2020 година достигнала 425,13 денари. Кашкавалот се продавал по цена од 397,98 денари , а во 2020 чинел 413,49 денари.И млекото поскапело за 2 денари и во 2020 година достигнало цена од 51,48 денари за литар.

Податоците на статистика покажуваат дека за денар, десет денари или 100 денари, граѓаните за пет години плаќале поскапо за основните прехранбени производи. Поради пандемијата и енергетската криза, пак, 2021 година цените нагло пораснаа, поради што во декември владата донесе одлука да се замрзнат цените на неколку основни прехранбени производи. Статистички инфлацијата во 2021 година заклучно со ноември достигна 4,8 проценти или индексот на трошоците на животот во ноември 2021 година, во однос на ноември 2020 година, бележи зголемување од 4,8 проценти, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 6,2 проценти. Ако се искористи, пак, калкулаторорот за индексот на трошоци за живот на статистика излегува дека од јануари 2016 до ноември 2021 година, трошоците на живот пораснале за 10,71 проценти.

Дека инфлацијата е глобален проблем покажуваат и податоците на Европското статистичко биро- Евростат. Така годишната стапка на инфлација во еврозоната достигна рекордни пет проценти во декември, пред сѐ поради наглиот раст на цените на храната и енергијата, соопшти статистичката агенција на Европската унија (ЕУ) Еуростат. Ова е највисоката стапка на инфлација во 19 земји од еврозоната од почетокот на водење на евиденција во 1997 година.

Претходниот рекорд беше поставен во ноември, кога растот на малопродажните цени беше 4,9 отсто во однос на истиот месец во 2020 година.

(А.С.)