Посетата на премиерот Кирил Петков ќе означи нов почеток во развојот на билатералните односи меѓу Бугарија и Македонија и ќе ги претстави следните чекори што двете влади ќе ги преземат за решавање на отворените билатерални прашања, соопшти бугарското МНР најавувајќи ја посетата на бугарскиот премиер на земјава за 18 јануари.
„Треба да го промениме нашето разбирање за тоа што значи Република Северна Македонија да преговара со ЕУ и да биде дел од неа во иднина. Ајде да зборуваме за сите придобивки што ќе ги имаме ние и Република Северна Македонија од овој процес,“ се цитира во соопштението од бугарското МНР изјавата на премиерот Петков.
Според македонското МНР, посетата е планирано да се реализира веднаш по стапувањето во функција на новата Влада на Република Македонија.
„Со тоа, двете држави сведочат за важноста која ја придаваат на меѓусебните односи и соработка. На средбите се очекува да се реафирмираат досегашните резултати и постигнат напредок, како и да се воспостави дополнителна интензивна комуникација во насока на надминување на разликите за важни билатерални прашања меѓу двете земји, “наведува МНР.
Во фокусот на разговорите, според Министерството, ќе бидат доследната имплементација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка потпишан меѓу двете земји во август 2017 година, како и продолжувањето на напорите за исчекор во обидите да се обезбеди поддршка за почеток на преговорите на Северна Македонија со Европската Унија.
foto-novinite.com