Камчев излегува од притвор, прифатена гаранцијата од речиси 11 милиони евра – ММС
ММС

Објавено на: 01/4/22 6:34 PM

Камчев излегува од притвор, прифатена гаранцијата од речиси 11 милиони евра

Бизнисменот Јордан Камчев, кој е обвинет во случајот „Плацеви на Водно“ излегува од притвор, потврдија за МИА од Апелацискиот суд Скопје.

Оттаму посочија дека Кривичниот совет на Апелацискиот суд одлучил да ја прифати гаранцијата за Камчев од скоро 11 милиони евра, додека неговите патни исправи остануваат во судот, каде ќе треба редовно да се пријавува.

Од Апелација велат дека ќе треба да се завршат процедурите за запишување на хипотеката, по што Камчев ќе се брани од слобода.

Камчев од пред Нова година се наоѓа на лекување во болницата „Систина“. Тој е во притвор од март 2021 година, кога беше приведен под сомнение дека се подготвува за бегство.

Пред Нова година на слобода излезе и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, кој исто како и Камчев беше во притвор за случајот „Плацеви на Водно”.

Првообвинет во случајот „Плацеви на Водно“ е поранешниот премиер Никола Груевски, кој се гони дека присвоил 1,3 милиони евра од партиски донации со кои се купувани плацеви на Водно.