Тони Михајловски можеби има желба, но сепак „се сели“ само во клик-бејт насловите на порталите – ММС
ММС

Објавено на: 01/4/22 10:44 AM

Тони Михајловски можеби има желба, но сепак „се сели“ само во клик-бејт насловите на порталите

Рецензираме текст со наслов „Тони Михајловски се сели од Македонија: На 54 години ќе ми се исполни таа желба“, кој има за цел да ги привлече читателите да отворат, но внатре не нуди никаква суштинска информација. Веста која ја рецензираме всушност и не е вест, туку само пренесен статус на актерот Тони Михајловски.

Новинарот пишува „Актерот Тони Михајловски преку статус на фејсбук напиша дека се сели од Македонија“, па во целост го пренесува статусот кој е две реченици.
„На 54 години прв пат ми дојде желба да си заминам, да ја напуштам Македонија. И најверојатно ќе си ја исполнам таа желба“ – пишува Тони Михајловски во статусот.

Никаде овде не е наведено категорично дека ќе се сели или ќе ја напушта Македонија. Актерот пишува дека му дошла желба да си замине. Објавата коинцидира со најавата за поскапувањето на струјата (донесено во четвртокот пред Нова Година) и тогаш најавеното поскапување на парното.

Статусот на актерот Михајловски е пренесен од повеќе македонски медиуми, на ист начин, само со копирање на напишаното. Во една од објавите на македонски портал, додадено е дека Михајловски беше кандидат за градоначалник на Куманово на последните Локални избори 2021, и поранешен член на Извршниот одбор на опозициската ВМРО ДПМНЕ. Со ова се прави обид да се објасни и интересот на медиумот за пренесување на ФБ статусот на актерот Михајловски.

Со пренесувањето и објавувањето на ФБ статус, медиумите не нудат информации кои се од јавен интерес. Дополнително повеќето имаат ставено клик-бејт наслови, кои се манипулативни и имаат за цел да ги привлечат читателите да отворат и да видат каде ќе се се сели Тони Михајловски, додека внатре во самата вест такво нешто не е напишано.

Со тоа се прекршуваат повеќе членови од Кодексот на новинари и од Насоките за етичко известување во онлајн медиумите.
Во овој документ особено е нагласено пренесувањето на статуси од социјални мрежи, каде пишува:
„При користењето информации добиени од социјалните мрежи, од веб-страници, блогови или други извори на интернет, онлајн медиумите внимателно ќе ја проверат нивната веродостојност и кредибилност“.

„Онлајн медиумите нема да објавуваат приватни податоци, статуси, видео-снимки, приватни фотографии и други лични објави на социјалните мрежи без согласност на авторот, доколку статусот на конкретната објава не е означен како “јавен”.

Исклучок од ова правило се случаите кога јавниот интерес преовладува над правото на приватност и кога тоа е неопходно за целта и темата на известувањето. Во тие случаи редакцијата внимателно ќе одмери што е од јавен интерес и во која мера тоа го оправдува навлегувањето во правото на приватност на поединецот.

                     

Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторот/авторот Медиа плус, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.