Не си маж ако не се жениш два-три пати – Мажите во Македонија се разведуваат многу повеќе од жените – ММС
ММС

Објавено на: 01/4/22 10:46 AM

Не си маж ако не се жениш два-три пати – Мажите во Македонија се разведуваат многу повеќе од жените

Модерните времиња и новите генерации ги рушат табуата од нашите баби и дедовци, дека разводот или влегувањето во втор брак е „срамна работа“ и дека по секоја цена треба да се зачува брачната заедница која некогаш главно се склучувала од економски причини и поради потомство.

За помладите генерации е се понормално да стават крај на бракот, но и повторно да се вљубат и да влезат во втора, а некогаш и во трета брачна авантура.

Доказ за тоа се новите податоци на Државниот завод за статистика кој го објави Статистичкиот годишник за 2020.

Поради пандемијата на коронавирусот и со воведувањето на вонредните мерки за заштита лани во земјава се бележи намалување на бројот на склучените бракови. Но, статистиката покажа и намалување на стапката на разводи.

Според последните податоци на Државниот завод за статистика, бројот на склучените бракови во 2020 година, во споредба со претходната година, е намален за 25,6 отсто и изнесува 10 278.

Најмногу бракови, односно 1 423 или 13,8 отсто биле склучени во август, а најмалку во април – 162 или 1,6 отсто.

Статистиката покажува дека најчесто паровите стапувале во прв брак со учество од 94,1 отсто за жените и 92,8 отсто за мажите. Во втор брак со учество од 6,5 отсто и трет брак со учество од 0,6 проценти, во вкупниот број склучени бракови, почесто стапуваат мажите.

Најголем број бракови – 3 380 или 32,9 отсто кај жените се случиле на возраст од 20 до 24 години, додека кај мажите од 3 780 бракови или 36,8 проценти во брак стапиле на возраст од 25 до 29 години.

Просечната возраст при склучувањето прв брак е 27 години за невестата и 29,7 години за младоженецот.

Според статистиката и бројот на разводите во 2020 година бележи намалување од 21,2 отсто во споредба со 2019 година и изнесува 1 569. Во текот на годината најмалку бракови 29 или 1,8 проценти се разведени во мај, а најмногу 199 или 12,7 отсто во јули.

Според возраста, најголем број разводи се случиле во истата старосна група од 35 до 39 години, и тоа 278 или 17,7 отсто кај жените и 262 или 27,7 проценти кај мажите.

Според траењето на бракот, најмногу разводи 324 или 20,7 отсто се случиле од 5 до 9 години по склучувањето на бракот.

Според социологот Ѓорѓи Тоновски, има два контрадикторни става околу разводите. Едниот е дека е тој последица на еманципацијата на жената и на мажот, а другиот е дека е тоа начин да се излезе од семејното насилство.

„Новиот општествен амбиент и демократските процеси се повеќе го истакнуваат индивидуализмот и кај мажот и кај жената, а нивото на толеранција, посебно кај младите, се повеќе опаѓа. Тие не се како претходните генерации кои секогаш биле спремни на компромис во бракот. Потоа, тука е и различниот начин на воспитување од родителите, кои прават од децата индивидуални личности“, вели Тоновски за ММС.

Во секој случај, како што посочува тој, крајна оценка е дека се поголемиот број на разводи во државава упатува на нови социјални односи меѓу луѓето, на растурање на заедницата, и секако, на пад на наталитетот од година во година.

„И покрај тоа, никој во државава не нуди одговор како да се спречи ваквата загуба за општеството што настанува со надминување на бракот како социјална категорија, и која би била другата форма на заедничко живеење“, вели Тоновски.

О.К.

фото: