Со тупаници и клоци, користејќи скии, стапови за скијање и скијачки кондури расчистувале вчера недоразбирања две групи, едната од Косово ,а другата од Гостивар на скијачкиот центар Маврово. Во инцидентот учествувале осум лица. Четворица од косовската група на возраст од 14 до 30 година и четворица од гостиварската, на возраст од 25 до 41 година.
-Тепачката се случила вчера околу 14 часот, по што неколку часа подоцна лицата од двете групи биле лишени од слобода и задржани во полициската станица Гостивар. Две лица од тепачката едното од гостиварската група, а другото од Косово се здобиле со потешки повреди и биле однесени во гостиварската болница „Ферид Мурад“ за укажување на лекарска помош. Останатите шест лица инволвирани во инцидентот се задржани во Полициската станица Гостивар за целосно расчистување и документирање на случајот, по што ќе биде изготвена соодветна пријава, рече Марјан Јосифоски портпарол на СВР Тетово.
Двете лица веќе се пренесени на скопските клиники, косоварецот се здобил со повреди на главата, а лицето од Гостивар со скршеница на раката.
Но, што претходело за да се случи оваа масовна тепачка? Извор на ММС неофицијално открива детали од тепачката. Тој вели дека инцидентот беше страшен и морбиден, но и дека на тепчката му претходла вербална расправија, поради непочитување на редот во непосредна близина на ски лифтот Галички на скијачкиот центар Маврово. Еден од гостиварската група кој се здобил во тепачката со повреда на раката, му забележал на лицето од Косово зошто не го почитува редот.
-Непочитување на редот пред ски лифтот Галички од страна на лицата од Косово беше причината за овој инцидент. Еден гостиварец замери за ова непочитување, по што настана вербална расправија која прерасна во масовна тепачка, потоа се вмеша и братот од гостиварецот, а потоа уште неколку лица, по што кулминира тепачката. Не се знаеше кој кого и со што удира. Се тепаа и со скијачки кондури се удираа. Се користеа скии, стапови за скијање и друго, се испотепаа, раскажуваат за ММС.
Инаку вакви кавги и тепачки се честа појава на скијачкиот центар Маврово, пред се поради непочитување на редот, дополнува за ММС очевидецот на настанот
На дел од учесниците им се заканува притвор, но се зависи од квалификацијата на делото, која треба да биде утврдена од Јавниот обвинител.
(З.Д.)