Парното од утре поскапо за 14,02 отсто – ММС
ММС

Објавено на: 12/31/21 12:33 PM

Парното од утре поскапо за 14,02 отсто

Цената на парното греење што ќе важи од утре, 1 јануари ќе се зголеми за 14,05 отсто за сите корисници во Градот Скопје кои се снабдуваат од – Балкан енерџи груп (БЕГ), ЕСМ Енергетика и Скопје Север, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика.
Како што информира претседателот на РКЕ Марко Бислимоски, основен критериум за формирање на цената на парното греење е цената на природниот гас која лани просечно се движела околу 240 долари за нормален кубен метар, а годинава за БЕГ производство му е понудена цена од 1.480 долари.
„Доколку ја вкалкулиравме ваквата цена на природниот гас во крајната цена за парното, ќе требаше да има зголемување од околу 190 отсто, но тоа не е опција. Затоа се одлучивме да побараме помош од Владата, Град Скопје и од скопските општини да помогнат да се надмине разликата во цената“, рече Бислимоски.
Тој појасни дека, вообичаено БЕГ плаќал по два милиона евра во јануари за набавка на гас за потребите на корисниците, а овој јануари 2022, ќе треба даде 13,8 милиони евра. Разликата во цена, како што кажа тој, ќе ја субвенционираат Владата, општините и Град Скопје.
Според РКЕ, набавен е гас за ЕСМ Енергетика и за топланата Скопје- Север, како и за првите 15 дена од јануари за работење на БЕГ.
Како опција, што не се препорачува од еколошки причини, топланите можат да се префрлат на работа на мазут во период од неколку дена, а БЕГ, како најголем снабдувач, е должен да има резерви на мазут за 15-дневно работење.

МИА