Воздух со мирис на цимет, пудинг што носи среќа, добра вештерка со подароци -Новогодишни обичаи во светот – ММС
ММС

Објавено на: 12/28/22 2:30 PM

Воздух со мирис на цимет, пудинг што носи среќа, добра вештерка со подароци -Новогодишни обичаи во светот

Оризов пудинг со бадеми за среќа, добра вештерка која носи подароци и чичилаки – тоа се дел од божиќните и новогодишните обичаи ширум светот.

Светот ја очекува Новата 2023 година.

На пример, воздухот во Франкфурт е исполнет со арома на зашеќерени бадеми, божиќни колачиња и варено вино, а во Бејрут можете да помирисате либански кедри.

Копенхаген е „затрупан” со илјадници светла, а воздухот мириса на цимет, кардамон и ѓумбир каде во овој период од годината е популарна и тортата наречена „кралица на божиќните десерти” во Данска – рисаламанда, десерт познат уште од 1900 година.

Освен што е неверојатно вкусен, овој пудинг од ориз со џем од цреша се поврзува и со многу љубопитна традиција. На Бадник секој добива порција рисаламанда за десерт, но само еден од нив крие цел бадем. Среќниот што ќе најде бадем – и што е многу важно, ќе успее да го сочува цел, добива посебен божиќен подарок.

Во Италија за време на празниците ја очекуваат добрата вештерка Бефана. Таа ги посетува децата на Водици, полнејќи им ги чорапите со вкусни бонбони и подароци ако биле добри или со ќумур и црни бонбони во случај да биле непослушни во изминатата година. За да бидат милосрдни и благодарни домаќини, семејствата за возврат и оставаат чаша вино и храна.

Божик е најпочитуваниот верски празник во Италија. Улиците и зградите се осветлуваат, а централните плоштади се преполни со украсени новогодишни елки. Карактеристично за Италија е традицијата на божиќното раѓање, пресоздавање на сцената со раѓањето на Исус Христос. Интересно е тоа што празничното украсување обично започнува на 8 декември, кога католичкиот свет го слави „Безгрешното зачнување”, а трае до 6 јануари – Богојавление, кога според западното христијанство, мудреците му ги принесуваат своите дарови на Исус.

Грузија го слави Божик во јануари според јулијанскиот календар. Иако декорацијата на главниот град целосно одговара на западниот стил на украсување на урбаните простори, Тбилиси и неговите жители остануваат верни на своите традиции. Како што се наближуваат божиќните празници, традиционалните грузиски новогодишни елки, познати и како „чичилаки”, се почесто можат да се видат на улиците во градот. Чичилаки е грузиска традиционална новогодишна елка направена од сушени гранчиња од лешник или орев кои се обликувани да формираат мало зимзелено дрво. Тие можат да бидат со различни висини – од 20 сантиметри до три метри. Грузиските дрвја чичилаки се предложени за вклучување во листата на нематеријално културно наследство на УНЕСКО.

Мадрид оваа година има навистина добра причина да се гордее – од јули градот ја ужива својата прва регистрација во списокот на светско наследство на УНЕСКО, не само со една локација, туку со целата област – булеварот „Пасео дел Прадо” заедно со паркот „Ретиро”. Областа вклучува десетици уникатни локации, меѓу кои и три од најпопуларните музеи во Шпанија – светски познатите Прадо, Тисен-Борнемисза и Реина Софија. Од 16 век местото постепено станува хармоничен спој на културата, науката и природата. „Пејсаж на светлината” – ова е името на истакнатата област.

Канада може да се пофали со најголемиот зимски тобоган во светот – во главниот град Отава – од 7,8 километри.

Њујорк секој Божик и Нова Година се претвора во посебна волшебна приказна со впечатливи украси  – Елката пред Рокфелер центарот е симбол на Њујорк за божиќните и новогодишните празници повеќе од осум децении. Жителите и гостите на градот традиционално ја слават Новата година на „Тајмс Сквер”, а поради коронавирусот годинава се дозволени помалку луѓе, само вакцинирани и со маски, иако прославите се на отворено.

Новогодишните празници во Јапонија, познати како Ошогацу, се време за изразување благодарност на боговите ками од кои зависи плодноста, како и за добредојде на духовите на предците кои ги штитат семејствата. Пред куќата се поставени кадомацу, специјална новогодишна декорација од бор и бамбус, сместена од двете страни на влезот во куќата и шимекаџари, декорација од сламени јажиња.

Во првите денови од новата година, семејствата и пријателите ги посетуваат будистичките храмови или шинтоистичките светилишта заедно за да се молат за богата жетва и семеен просперитет. Ова се нарекува хацумоде. Најчесто се посетуваат будистички храмови или шинтоистички светилишта, кои се „во среќна насока” во близина на домот.

МИА

фото: Rove.me/shop.diforti.com/https://www.narcity.com/